Фото: Игор Бансколиев

ПАНДЕМИЈАТА НАМЕТНА МЕРКИ ЗА ПРЕТПАЗЛИВОСТ И ПРИ КОРИСТЕЊЕ НА ТЕХНОЛОГИЈАТА

Оние што користат слушалки подолг временски период мора да ги извадат и да направат одмор, како на пример децата, по 30 или 40 минути час од едно предавање. Според научните сознанија, пречекорувањето на јачината на звукот може трајно да го оштети слухот. Исто така и долгото и неправилно користење на оние мали слушалки чепчиња може да предизвика инфекција на ушите

Ако слушалките претходно многумина ги користеа додека џогираа и слушаа музика, сега во екот на пандемијата на коронавирусот тие станаа нужна потреба и неопходна алатка за сите оние што работат од дома. Особено им се неопходни на членовите од семејствата каде што истовремено се следи онлајн настава, некој од родителите или можеби и двајцата работат исто така од дома и имаат виртуелни состаноци итн. Сега кога поради пандемијата на ковид-19 домовите ни се претворија во училници или канцеларии користењето слушалки повеќе се омасови. Користењето слушалки стана секојдневна потреба, но ретко кога се поставува и прашање дали прегласните звуци од слушалките може да го оштетат слухот. Она што корисниците на слушалки мора да го знаат е дека звукот над 80 децибели може да биде штетен за ушите. Треба да се знае и дека слушалките се индивидуални и секако дека мора да се дезинфицираат со алкохол, бидејќи во спротивно може да се пренесуваат инфекции. Лекарите советуваат и препорачуваат повеќе да се користат оние поголемите слушалки, како оние што ги носат камерманите. Оние помалите што влегуваат во ушите имаат сунѓерчиња, па поради тоа апсорбираат влага и полесно можат да пренесуваат инфекции на ушната школка.

– Сѐ што е умерено не е штетно. Од друга страна, пак, умерената јачина не е иста кај секого. Сега кога децата се на онлајн настава поголем дел од денот, ќе речам нема потреба професорката да ечи кога држи предавање. Она што е поважно кога станува збор за децата, препорачувам особено кога играат игри и кога слушаат музика, е да слушаат на умерена јачина. Од друга страна, пак, за некои 50 децибели е прегласно, додека за други е претивко и тука веќе станува збор за тоа дали има некакво оштетување на слухот. Но во оваа пандемија, чинам дека децата, повеќе од долгото седење и физичката неактивност, ќе страдаат од ’рбет, очи, па и уши. Оние што носат слушалки мора да знаат дека носењето мали слушалки чепчиња во ушите предизвикува поголемо лачење церумин, кој може да создаде чепчиња во ушите, особено кај децата, па потоа тие ќе мора да се отстранат со перење на ушите по препорака на оралоспецијалист. Слушалките не треба да се носат повеќе од осум часа – вели м-р д-р Ирена Дума Васовска од Аудиолошкиот центар при клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Таа додава дека се случувало да им дојдат деца со оштетен слух. Имало мајки што на своите бебиња им ставале слушалки за да слушаат музика, за тие да гледаат серија, па поради тоа смета дека треба да се работи и на свесноста на луѓето. Пациенти биле и деца со бучење во ушите, но не може да каже дека е од слушалките, бидејќи тоа може да е предизвикано од друг причинител.

Лекарите велат дека секој вид бучава е штетна за човечкото уво, а сите сме секојдневно изложени на секаква бучава.
– Било да се држи настава или како и да се комуницира преку слушалките, тие треба да бидат нагодени на 60 децибели, односно за да бидат безбедни мора да бидат помеѓу 60 и 80 децибели. Оние што користат слушалки подолг временски период мора да ги извадат и да направат одмор, како на пример децата, по 30 или 40 минути час од едно предавање. Според научните сознанија, пречекорувањето над 80 децибели може да го оштети слухот. Од друга страна, пак, има софистицирани слушалки што можат да го придушат тонот или да ги отстрануваат ненадејните звуци. Долгото и неправилното користење на оние мали слушалки чепчиња може да предизвика инфекција на ушите. Јас и на моите студенти им истакнувам дека поради слушањето гласна музика на слушалки на над 100 децибели бездруго настанува оштетување на слухот, кое е неизлечиво. Првиот знак дека има проблем е бучењето во ушите – објаснува професорката Марина Чакар.

Лекарите велат дека звукот е важен за комуникација, но средното уво е многу чувствително на балансот на звуците што ги прима од околината. Постојат илјадници клетки во ушите, а некои од нив се одговорни за пренос на звукот од увото до мозокот, каде што тој се обработува.
Гласниот звук може засекогаш да го оштети слухот, односно да предизвика штети во клетките, што ќе го наруши механизмот за пренос на звукот, предупредуваат нашите соговорници.