Со положување цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел започнаа празничните свечености по повод одбележувањето на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“ во Скопје, Прилеп и Куманово.
Во знак на сеќавање и почит за учесниците во народното востание и народно-ослободителната војна делегација на Владата, предводена од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, заедно со Нина Ангеловска, министерка за финансии и Дамјан Манчевски, министер за администрација и информатичко општество, положи свежо цвеќе на Партизанските гробишта во Скопје.
Во Прилеп свеченостите за одбележување на празникот ќе се одржат пред споменикот на Методија Андонов-Ченто и пред споменикот на Кузман Јосифовски-Питу, како и на Могилата на непобедените.
Делегацијата на Владата во Прилеп ќе ја предводи министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика и Елвин Хасан, министер без ресор задолжен за странски инвестиции.
Содржините за одбележување на 78 годишнината од денот на народното востание на македонскиот народ против фашизмот и за македонска државност во Куманово ќе започнат со положување свежо цвеќе на Спомен – Костурницата.
Владината делегација во Куманово ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, Арбер Адеми, министер за образование и наука и Зорица Апостолска, министерка без ресор, задолжена за странски инвестиции.
Во рамките на свечената програма за одбележување на државниот празник 11 Октомври во Куманово е предвидено и обраќање на премиерот Заев.
Заев и членови на Владата ќе присуствуваат и на свеченоста во Собранието по повод доделувањето на високата државна награда „11 Октомври“.
На сите свечености по повод одбележувањето на државниот празник 11 Октомври, ќе земат учество членови на Сојузот на борците, дипломатскиот кор во нашата земја, и претставници на општествените и граѓанските организации.