Претседателот Ѓорге Иванов изрази сочувство по повод смртта на Горан Стефановски, потенцирајќи дека вечно ќе сме благодарни за творештвото кое ни го остави, за сѐ што напиша, создаде и инспирираше.
-Со голема тага ја примив веста за смртта на нашиот драмски писател, Горан Стефановски. Иако нема соодветни зборови кои можат да ја надоместат загубата, дозволете во овие тажни мигови да изразам најискрено и најдлабоко сочувство до семејството и до цела наша јавност. Со прераната смрт на Горан Стефановски загубивме врвен драматург, но и голем ерудит, мислител и пред сѐ прекрасен човек кој со своето дело остави неизбришлива трага во нашето културно и општествено живеење, вели претседателот Иванов.
Горан Стефановски, како што нагласува, беше наш најпознат и најизведуван современ драмски автор чии драми оставија неизбришливи траги во нашиот театар и книжевност, претставувајќи своевидна луцидна панорама на нашето живеење и светоглед.
-Покрај маркантниот драмски опус, неизбришливи се и неговите остварувања во телевизискиот медиум, пред сѐ преку култната телевизиска серија „Бушава азбука“, посочува Иванов.