Сопругата на претседателот Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, беше дел од 4-членото жири, кое ги оценуваше креациите на учениците од 14 средни училишта од Република Македонија, изработени од реупотреба на разни отпадни материјали.
Средношколците изминатиот период собираа материјали, односно стара хартија, пластика, делови од стари компјутери, природни материјали и други предмети што може да се реупотребат. Потоа, од нив изработуваа облека и модни додатоци. Целта на проектот „Трешн фешн“, кој повеќе од 10 години го организира здружението за едукација, комуникација и консалтинг ОХО, е да се намали отпадот преку негова реупотреба и да се подигне свеста кај учениците, но и кај пошироката јавност, за важноста од здрава животна средина.
– Навистина ме воодушевија креативноста и потенцијалот на средношколците. Но, пред сè, импресионирана сум од исклучително развиената свест на овие млади луѓе за значењето и зачувувањето на животната средина, на природата и реупотребата на отпадот – истакна Ѓоргиевска.
Досега на овој натпревар учествувале речиси сите средни училишта од земјата и биле изработени повеќе од 400 модели и модни додатоци. Низ процесот на собирање материјали тимовите исто така имаа задача да измерат колку отпад собрале. Годинава биле собрани повеќе од 3.500 килограми отпад. А темата на која се изработуваа делата е „Супер херои за 2020 година“. Годинашната акција беше посветена на сите херојки и херои што беа на првите борбени линии при справување со пандемијата на Ковид-19 и кои постојано беа изложени на ризик.
Победник на годинешниот „Треш фешн“ е тимот од средното општинско училиште „Богданци“ од Богданци, составен од ученичките Стефанија Ангова, Цветанка Атанасова и Габриела Костевска, под менторство на Весна Ристовска. Второто место им припадна на Марија Станојовска, Александра Мирческа и Антонио Ѓурчиноски, ученици од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп и нивната менторка Марта Макеска. Јована Иванова и Софија Пецева и нивната менторка Маргарета Спасов од СОУ „Никола Карев“ од Струмица го освоија третото место. Специјалната награда за најголема количина собран отпад ја добија учениците од СОУ „Коста Сусинов“ од Радовиш, односно Марија Прастова, Верица Георгиева и Косара Ѓорѓиева, под менторство на Катерина Сусунова.