Претседателот Стево Пендаровски ја свика втората седница за Советот за безбедност, којашто ќе се одржи денеска со почеток во 17 часот. На првиот дел од седницата, каде ќе бидат разгледани тековните прашања поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката, покрај членовите на советот, ќе присуствуваат и Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност, Еролд Муслиу, директор на Агенција за разузнавање, Зоран Ангеловски, директор на Оперативно-техничката агенција и генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
Вториот дел на седницата ќе биде посветен на проблемот со аерозагадувањето. На дебатата, покрај членовите на советот, ќе учествуваат и тројца претставници на Здружените граѓански иницијативи и организации, кои во изминатиот период одржаа средба со претседателот Пендаровски во однос на заштитата на животната средина, а преку писмо дадоа предлози и иницијативи за надминување на загадувањето од запалени депонии, пожари и оган на отворено. Исто така, во вториот дел од седницата ќе учествуваат и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање и Фејзула Спахија, директор на Државниот инспекторат за животна средина.
ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните изгледа заборавија како е да се дише чист воздух
Граѓаните се гушат и се молат да заврне дожд за да се намалат канцерогените честички во воздухот, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение.
Инспекторатот не постои, а дури и да се изврши некаде контрола, резултатите се кријат и нема санкции за бизнисмените блиски до Заев.
СДСМ откако е на власт граѓаните заборавија како изгледа да се дише чист воздух.
Македонија три години тоне во смог, а власта предводена од Заев не мрда со прст.
Ветуваа алпски воздух пред да дојдат на власт. Кога дојдоа на власт Македонија се претвори во огромен логор.
Скопје се гуши, а ситуацијата и по другите градови не е нешто подобра. Граѓаните од Битола, Струмица, Тетово, Куманово, Кичево, Кавадарци го имаат истиот проблем.
Загаденоста на воздухот го достигнува алармантното ниво, а Заев и неговата неспособна влада велат се е во главите на граѓаните.
На ова негрижа доаѓа крај. На 12-ти април граѓаните ќе го казнат СДСМ за сите лаги, криминали. По 12-ти април доаѓа обнова на Република Македонија заедно со идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, наведува опозициската партија во соопштението.