Заедно со вториот круг на претседателските избори денеска се одржува и втор круг од предвремени локални избори за градоначалници на Охрид и на Ново Село.
Според заклучениот избирачки список на Државната изборна комисија, за предвремените локални извори во Охрид право на глас имаат 52.303 граѓани, а во Ново Село 11.365 граѓани.
Во општината Охрид изборите за градоначалник се распишани поради ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски, а во Ново Село се избира нов градоначалник, бидејќи поранешниот Боро Стојчев поднесе оставка откако беше осуден на затворска казна за обид за шверц на цигари.
Во вториот круг во Охрид се натпреваруваат кандидатот на СДСМ Константин Георгиески и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Митре Милошевски. Во првиот круг Георгиески освои 13.037 гласови, а Милошевски 10.614. Запишани избирачи во Охрид се 52.303, а во првиот круг гласале 28.118 граѓани, односно 53,76 отсто.
За испразнетото градоначалничко место во Ново Село кандидати се Никола Андонов од СДСМ и Николчо Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ. Андонов во првиот круг освои 2.693 гласови, а Стоилков 2.753. Во оваа општина се запишани 11.365 гласачи, а на гласање во првиот круг излегле 5.549 граѓани, или 48,83 отсто од избирачите.
Избори беа распишани и во Дебар, но таму градоначалник беше избран во првиот круг, кога победи Хекуран Дука од ДУИ.