ВМРО-ДПМНЕ смета дека со одобрението за универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Бугарија, на територијата на Македонија, Владата повторно ја става Македонија и македонската јавност во подредена положба, односно повторно прифаќа сѐ што се бара од Бугарија, токму како и во сите преговори, без соодветен реципроцитет.
– Ние велиме „да“ за квалитетно образование, „да“ за влез на квалитетни и високо рангирани светски универзитети кои ќе го подобрат нивото на македонското високо образование, но, според сите релевантни светски листи на рангирање, Универзитетот во Велико Трново е двојно полош од македонскиот УКИМ и за преку илјада места полош од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Оттука, каква корист има Република Македонија од отворањето на оваа странска институција? Истовремено, со оваа одлука Владата крши три Закони и тоа: Законот за авторски права и индустриска сопственост, Законот за установите и членови од Законот за трговски друштва – изјави на прес-конференција Велика Стојкова Серафимовска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа вели дека во време кога Министерството за образование и наука задава последователни удари врз образованието и насила воведува таканаречени реформи и нови концепции, акредитирањето на нов Универзитет на кој наставата ќе се одвива претежно на бугарски јазик создава слика дека Мила Царовска и Зоран Заев воопшто не се грижат за македонските национални интереси, напротив продолжуваат да ги распородаваат.
Според опозициската партија, со акредитирањето на овој универзитет, Владата не само што отстапува простор за директно индоктринирање на младите со познатата реторика на Бугарија, туку дополнително го намалува квалитетот на образованието во Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите правни субјекти да ја преиспитаат оваа владина одлука.