Според анализата на „Интернешнл енд секјурити аферс центер“ (ИСАК), од земјите-кандидатки од Западен Балкан, Македонија е 85,19 отсто усогласена со позициите на ЕУ. Босна и Херцеговина има 66,67 отсто усогласеност, а најмалку усогласена со ЕУ е Србија, со 51,85 отсто. И европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, смета дека парламентите во повеќето земји од Западен Балкан сѐ уште не функционираат по европски стандарди

Европската Унија бара од земјите што имаат намера да ѝ се придружат, да ја усогласат својата надворешна политика со европската.
Токму надворешната политика, безбедноста и одбраната спаѓаат во делот што се однесува на политичките критериуми во преговарачкиот процес.

Тоа главно се состои од прогресивно усогласување со меѓународните правни договори и политички случувања во ЕУ, но исто така и со заеднички надворешнополитички одлуки, ставови и мерки. Во практика тоа значи дека земјите од Западен Балкан мора да се приклучат кон декларациите на ЕУ за надворешна политика и мерките што произлегуваат од нив.

Според анализата на „Интернешнл енд секјурити аферс центер“ (ИСАК), објавена на почетокот на оваа година, од земјите-кандидати од Западен Балкан, Македонија е 85,19 отсто усогласена со позициите на ЕУ. Од соседството, пред нас се Албанија и Црна Гора со 100 отсто усогласеност, додека Босна и Херцеговина има 66,67 отсто усогласеност, а најмалку усогласена со ЕУ е Србија, со 51,85 отсто.

Македонија во континуитет го зголемува усогласувањето на своите политики со оние на ЕУ, па, така, од 2014 година наваму усогласувањето постепено се зголемува, така што во 2014 година тоа беше околу 68 отсто, а во 2018 година изнесуваше 83,19 отсто.

Според Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика во Скопје, зголемената усогласеност на земјава со политиките на ЕУ се должи најмногу на решавањето на проблемот за името, но и со промената на надворешната политика од страна на новата влада.

– Надворешната политика се чинеше дека оди кон исток, и покрај официјалната приврзаност кон долгорочно декларираните цели на нашата надворешна политика кон ЕУ и кон НАТО. Перспективите на ЕУ и на НАТО беа заглавени во блокадата од страна на Грција и злоупотребата на ова прашање од страна на претходната влада за домашни политички цели – објаснува Кацарска.

Според неа, новата влада се осврна на прашањето за името во рамките на пристапот во ЕУ и во НАТО, што јасно го демонстрира како главен приоритет. Кацарска додава дека тоа влијаело врз надворешната политика воопшто и довело до зголемување на усогласеноста со надворешнополитичките и безбедносни позиции на ЕУ, истовремено заземајќи внимателен пристап за да не го наруши меѓународното прифаќање на Преспанскиот договор.

Од земјите од Западен Балкан најслаба усогласеност со ЕУ има од страна на Србија. Усогласеноста на земјата во 2014 година изнесуваше 51,43 отсто, а во 2018 година останала релативно иста со 51,85 отсто (мало подобрување во споредба со 2017 кога имаше 46 отсто усогласеност, што претставува редовно ниско ниво).

Програмскиот директор на ИСАК, Игор Новаковиќ, смета дека руската поддршка за прашањето за Косово, влијае врз процентот на усогласеност на Србија со критериумите на ЕУ.

Според него, Србија не се усогласува со надворешнобезбедносната политика на ЕУ најмногу поради прашањето за Косово, бидејќи Русија е главниот партнер на Србија во меѓународната заедница, а повеќето декларации што ги усвојува ЕУ се однесуваат токму на Русија.

– Србија не се усогласува со декларациите на ЕУ поврзани со Кина, но и некои други држави од Азија и од Африка, кои ја поддржаа земјата на меѓународните форуми – вели Новаковиќ. 


Хан: Повеќето парламенти од Западен Балкан не функционираат европски

Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, во интервју за „Агенција Европа“ забележува дека парламентите во повеќето земји од Западен Балкан сѐ уште не функционираат по европски стандарди.
– На Балканот го има тој менталитет на црно или бело. Или сте победник, или сте губитник. Но во демократијата клучниот елемент е компромисот, а компромисот често има негативна конотација на Западен Балкан, но всушност тоа значи дека секој треба нешто да му даде на другиот за да добие нешто плус – вели Хан.
Тој додава дека овој проблем не се однесува само на политичарите, и дека оние политичари што не покажуваат способност за компромис се „на некој начин лош пример за луѓето“.
– Затоа толку инвестираме во зајакнување на парламентот, тоа е клучна област, како што можете да констатирате во повеќето земји, парламентот не функционира како што сакаме – вели комесарот.
Хан се оградува од квалификациите дека станува збор за „балкански стил“ и истакнува дека слични проблеми се јавуваат во источното соседство на ЕУ, но и во јужното.