„Одзивот е клучот“, „Гори сојузот Ципрас – Каменос“, „Бура во Атина од референдумот – трилер во Скопје“, „Референдум за двајца (Заев – Ципрас)“, „ЕУ и САД дадоа сѐ за ’да’“, „Политичката сцена жив песок“. Со вакви натписи вчера грчките медиуми ја анализираа атмосферата на референдумот во Македонија, која беше, впрочем, и најважна вест во грчката јавност. На информативните портали, во политичките емисии на радиостаниците, во вестите, во информативните и дебатните емисии на грчките телевизии бурно се следеше од час на час гласањето кај нас, со што беше преокупирано вниманието на грчката јавност. Грчките новинари, освен што ги пренесуваат главните информации и податоци поврзани со референдумот, во однос на тоа колку граѓани имаат право на глас, кога отвораат, а кога затвораат гласачките места, кога ќе бидат познати првичните резултати од ДИК и слично, коментираат дека она што е најважно не е дали мнозинството ќе гласа „за“ или „против“, туку дали ќе има одзив. Грчкиот весник „То вима“ вчера излезе со наслов дека референдумот испишува нова историја на Македонците.
– Денеска, 30 септември 2018 година, повторно се повикани македонските граѓани да гласаат на уште еден историски референдум, чија цел е промена на уставното име на нивната држава во „Република Северна Македонија“. Исходот од референдумот, се разбира, не ја загрижува само Грција каде што поголемиот дел од јавноста се противи на Преспанскиот договор, додека Владата и опозицијата жестоко политички се пресметуваат – пишува во коментар „То Вима“..
Грчки Катимерини напиша дека „Граѓаните на ФИРОМ гласаат за договорот за промена на името на нивната земја“. Понатаму анализите што се одвиваа во текот на вчерашниот ден во Грција беа околу сценаријата за опстанокот на грчката влада, односно кои би биле следните чекори на коалицискиот партнер Панос Каменос, кој е против договорот од Преспа и во изминатите месеци излезе со различни најави, од барање договорот да се гласа со зголемено парламентарно мнозинство, па до последниот став дека Независни Грци ќе се повлечат од Владата.
Но се анализираа и следните чекори на опозициската Нова демократија, која не отстапува од ставот дека договорот е штетен за Грција.
Медиумите во Грција не ја исклучуваат и можноста најголемата опозициска партија да достави нова иницијатива за гласање недоверба на Владата, со оглед на тоа дека кон средината на декември ќе поминат шесте месеци од последната иницијатива, со што одново ќе имаат право да побараат гласање недоверба, наведуваат грчките медиуми.