Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска го посети Полициското одделение Групчин, каде заврши реновирањето на објектот.
– Кога го преземав МВР во 2017 година, еден од приоритетите беше подобрување на условите за работа на полициските службеници затоа што подобрите услови носат и подобри резултати во работата, односно поголема безбедност за граѓаните. Затекнавме објекти во кои не било интревенирано и по четири децении. Сега, во 2019 година, можеме со гордост да кажеме дека најголем дел од објектите ги саниравме и реновиравме и тоа со средства на МВР, а до крајот на годината очекувам да се завршат и објектите кои се наоѓаат во планот за реновирање – рече Спасовски.
Додека другите објекти се реновирани со средства на МВР, карактеристично за објектот во Групчин е што е реновиран со донации на жителите, кои придонесоа еден објект по четиридецениско егзистирање сега да биде комплетно инфраструктурно и градежно саниран. Целосно подновена е надворешноста на објектот со нова фасада. Поставени се нови подови во просториите, нови врати и прозорци, поставено е и надворешно осветлување на објектот, а соодветно решени се и сите надворешни инсталации, а уреден е и дворот пред објектот со нови бекатонски патеки и зеленило.
– Денеска со полициските службеници од ПО Групчин разговаравме и за тековното работење, со цел остварување на што поквалитетни резултати во заштитата, безбедноста и сигурноста на граѓаните и нивните материјални добра. Навистина радува фактот што СВР Тетово, во чијашто организациона поставеност припаѓа и полициското одделение Групчин, бележи повеќе од добри резултати во работењето – додаде министерот.
Во изминатите шест месеци од годинава на подрачјето на СВР Тетово значително подобрена е ефикасноста во расветлувањето на кривичните дела или искажано во проценти таа изнесува 71 отсто во делот на т.н. класичен криминал каде предничат имотните деликти, а исто така зголемен е и бројот на расветлените дела од областа на недозволена трговија со дрога за 72 отсто. Во сферата на јавниот ред и мир годинава се бележи намалување на евидентираните прекршоци за 25 отсто, а евидентиран е позитивен тренд и во областа на сообраќајната безбедност, каде е присутно намалување на бројот на сообраќајните несреќи за 18 отсто, споредбено со истиот период лани.