Безумна потчинетост на физички работници од регионов во ЕУ
Многумина од луѓето, незадоволни од условите за работа дома, се свртуваат кон барање егзистенција во странство, најчесто преку интернет, при што кредибилитетот на огласите и агенциите што ја нудат работата често е под прашалник. Деновиве Европол откри Бугари што робувале на француски лозја
Советот на Европа минатата година предупреди дека шверцувањето работна сила низ европскиот континент станало пораширено од сексуалното искористување, а процените на Агенцијата за работа при ОН се дека околу 25 милиони луѓе во светот се на присилна работа во фарми и фабрики, па и на рибарски бродови
Речиси 170 жртви на т.н. модерно ропство од Бугарија биле откриени на француските лозја во голема акција организирана неодамна од Европол, а откривањето работници сместени во супстандардни услови само го отвори прашањето за начинот на кој се третираат работниците од овие простори што одат во потрага по егзистенција во Европа.
Француските власти минатата недела уапсиле четворица осомничени – тројца Бугари и едно лице од Франција, откако идентификувале 167 можни жртви на модерно ропство, кои биле ангажирани од четири компании што се занимаваат со производство на вино, во близината на францускиот град Лион.
– Бугарските припадници на групата се одговорни за „регрутација“ во Бугарија, додека францускиот член организирал логистика и организација на сместувањето на работниците – наведуваат од Европол.
Засега ниту бугарската полиција, ниту, пак, Европол не соопштуваат повеќе детали, а некои од бугарските медиуми пишуваат дека станува збор за работници ангажирани од североистокот на земјата. Феноменот на привремена или постојана работа во странство во потрага по подобар живот не ја одминува ниту нашата држава. Голем број Македонци извадија бугарски пасоши токму за да можат сезонски да работат во земјите од ЕУ, најчесто во Италија, Австрија, Франција и Германија, така што не се исклучува можноста и тие да бидат цел на работодавците, кои во трката за профит забораваат на човечноста.
– Одам секоја година на берба на јаболка во Италија и тоа веќе 15 години. Сопственикот на плацот каде што работиме е доста коректен, редовно ни плаќа, а за возврат и ние чесно си ја вршиме работата – вели Илија Донев од Штип.
За разлика од него, има и луѓе на кои работата во странство не им се погодила, при што се соочиле и со нечовечки услови.
– Отидов во Германија да работам во фабрика, но посредникот од Бугарија најпрво нè смести во едни стари бараки по четворица во една мала соба, буквално немаше кај да се свртиме. Во фабриката повторно плаќањето одеше преку посредникот, кој земаше процент од секој работник. Кога ни ја нудеа работата ни кажаа фиксна дневница, но не го споменаа процентот за посредникот, така што останавме со помалку пари од ветеното. Покрај тоа, ни рекоа дека ќе бидеме сместени во хостел по двајца во соба, а нè натрупаа по четворица, некаде и по петмина во дотраени мувлосани бараки – вели Ѕвонко Јовановски од Свети Николе.
Тој додава дека веднаш се откажал од оваа работа и подоцна без посредници се вработил во сендвичарница.
– Најдов уште тројца цимери и зедовме стан под кирија. Работам во сендвичарница и редовно ме плаќаат за онолку колку што се договорив. Добро е што не останав на првата работа. Има луѓе што не знаат ниту јазик, ниту, пак, да се снајдат и остануваат да работат во нечовечки услови, буквално како робови – нагласува Јовановски.
Манипулациите што ги прават агенциите за работа во странство не се новина, така што работниот ангажман надвор од државата носи одреден ризик.
Имено, бугарските работници биле ангажирани преку агенција во Бугарија, која им ветувала дневница од 60 евра, како и сместување, превоз и храна. Но тие биле сместени во кампови, не добивале пари за храна, а кога им истекол договорот за работа, многумина морале да позајмуваат пари за да се вратат дома. Таканареченото модерно ропство не е туѓо ниту на нашите простори, за што сведочи случајот од пред нешто повеќе од седум години, кога двајца жители на тетовско Селце ангажирале како овчар 26-годишен албански државјанин за месечна плата од 300 евра, но не му давале пари, туку го држеле во несоодветна просторија, го хранеле со мувлосана храна и постојано физички го малтретирале. Успеал да се спаси откако случајот го пријавил во тетовската полиција. За нечовечки однос на газдите постојано алармираа и работниците во Македонија, особено текстилните работнички, кои тврдеа дека буквално се чувствуваат како робови. Голем дел од луѓето, незадоволни од условите за работа дома, се свртуваат кон барање егзистенција во странство, најчесто преку интернет, при што кредибилитетот на огласите и агенциите што ја нудат работата често е под прашалник.
На интернет има голем број веб-страници на кои се бараат работници од различни профили и без исклучок на сите им се нуди плата над 1.500 евра, со платена хранарина и сместување што, секако, е доволна мамка за македонските работници.
Советот на Европа минатата година предупреди дека шверцувањето работна сила низ европскиот континент станало пораширено од сексуалното искористување, а процените на Агенцијата за работа при ОН се дека околу 25 милиони луѓе во светот се на присилна работа во фарми и фабрики, па и на рибарски бродови.