Министерството за образование и наука информира дека право на користење на финансиската поддршка за субвенциониран студентски оброк во месечен износ од 2.400 денари ќе имаат сите редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните високообразовни установи.
Оваа финансиска поддршка, како што соопштија од МОН, ќе стартува од октомври годинава, а студентите за да ги добијат средствата освен што треба да се државјани на Македонија, треба да ги исполнуваат и следните услови: да не се во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци, да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.
Правото на субвенциониран студентски оброк ќе се остварува преку аплицирање, за што МОН дополнително и навремено ќе ја информира јавноста, додаваат од ова министерство.