Работилницата на тема „Женско лидерство во областа на безбедноста во Република Македонија“, ќе се одржи утре со почеток во 10.30 часот на Факултетот за безбедност – Скопје, кој е и организатор на настанот.
Во работилницата учество ќе земат претставници на академската заедница и од институциите од безбедносниот систем. Работилницата ќе ја отвори Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, а ќе говорат и Верица Милеска Стефановска Претседател на Комора за обезбедување на РСМ, Савка Тодоровска Претседател на Националниот совет за родова рамноправност, претставници на „UN WOMEN“ во земјата, Деканот и Продеканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф. д-р Никола Дујовски и доц. д-р Марјан Ѓуровски, проф. д-р Марина Малиш од Факултетот за безбедност-Скопје, како и претставници на Министерство за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Македонски полициски синдикат, Дирекција за заштита и спасување и други институции од земјата.
Цел на работилницата е учество на раководители и експерти од областа со цел детектирање на предлостите и слабостите на женското лидерство во безбедносните органи и институции во Република Македонија, со цел севкупна анализа на актуелната состојба, констатација на проблемите кои се јавуваат во практичното работење и предлог мерки за надминување на оваа состојба во земјата. Крајна цел би била адекватно вклучување на жените на лидерските места и функции, со цел нивна поголема застапеност согласно нивните компетенции, искуство, знаење и вештини кои ги поседуваат.
Свеченото отворање е закажано за 11 часот, потоа следи панел-дискусија од 12 ч., за работилницата да биде затворена по изведувањето на заклучоците.