Лекарите и здравствените работници денеска ќе протестираат, по неколкуте напади врз доктори и медицински сестри што се случија неодамна. Протестот е под мотото „Доста е! Стоп за насилството врз медицинарите“.
Протестот ќе се одржи пред Клинички центар на Хелиодром, пред ГОБ 8 Септември, пред Градска болница, пред поликлиники и Здравствени домови, пред ординации, пунктови, во периодот кој е предвиден за пауза од 11 до 11.30 часот.
-Ова е „жолт картон“, ако не се промени нешто и не се подобрат условите во кои работиме, а работиме во субстандардни услови, ние уште под закана од тупаници да носиме одлуки за нечиј живот, тоа го нема никаде. Затоа реагираме дека сме мета на определени општествени структури кои револтот го насочуваат кон здравствениот персонал. Ние немаме спонзори, ова е од ентузијазам, со цел да се подобри статусот на здравствениот персонал. Ние сме волонтерско здружение, кое има желба за подобро нешто – велат од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти.