Нови 130 професионални војници денеска беа промовоирани во касарната „Илинден“ во Скопје. Новите војниците се последната група од планираните 375 за 2018 кои беа најавени во јануари оваа година. Првата група беше примена во јули, а втората во октомври.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на новите војници им порача дека ќе имаат многу предизвици, но им нагласи дека нема да бидат сами и дека во секое време ќе ги имаат постарите колеги, целата армиска структура и Министерството за одбрана.
-Вие сте уште еден доказ дека за нас зборот е збор и дека она што сме го најавиле знаеме да го испорачаме. Со вас просечната возраст на припадниците на Aрмијата ќе се намали за цели три години. Вие ќе бидете новиот мотив и капацитет на АРМ. Покажуваме дека Армијата навистина ја претставува Македонија во целост каква што е. Меѓу вас има Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци и Власи. На овој последен конкурс во целост се исполнети принципите и политиките на правична застапеност. Разноликост имаме и во поглед на полот. Од вкупно 375 професионални војници 48 се девојки и жени. Треба да бидеме задоволни од овие храбри припадници на АРМ кои влегле во професија која сè уште многумина ја сметаат за машка, истакна Шекеринска.
Министерката нагласи дека поканата за НАТО е најголемиот успех во оваа година на Македонија, но успех, дададе таа, е и решавањето на проблемот со униформите и чизмите.
-Веќе почнаа да пристигаат првите пратки од околу 7.000 пара чизми кои многу брзо ќе ги добијат буквално сите припадници на Армијата. Минатата недела го потпишавме договорот со кој прват ќе набавиме 14.000 воено-технички униформи. Во НАТО, АРМ ќе влезе гордо, достоинствено и исправено, рече Шекеринска.
Потсети дека во 2018 година новите војници ќе ги дочека плата која е 10 проценти зголемена, а од септември 2019 година ќе добијат дополнително зголемување од пет отсто. Информираше дека за оваа и идната година не се отстапува од зголемување на буџетот. Во 2018 беше зголемен за 15 проценти, а за следната година е обезбедено зголемување за 33 отсто. Приоритет, потенцира Шекеринска, е НАТО целта, а тоа е два проценти од БДП за АРМ.