На Саемот на книгата во Скопје денеска беше промовирана Монографијата „Печат на времето – 70 години Државен архив (1951-2021)”, во издание на оваа институција, за која зборуваа директорот на Државниот архив, Емил Крстески и Бранислав Светозаревиќ, кои заедно со Јасмина Дамјановска се носители на овој проект, во чија подготовка и реализација учествуваше стручна екипа на Архивот.
– За да се остави трага за нашето постоење, за нашата работа, за да ја поткрепиме културата на помнењето и да му се спротиставиме на заборавот, на патот по кој одиме сите ние треба да оставиме белези, траги, знаци, пишан збор, документ, сведоштво на значајни нешта што биле и што се. Токму оваа Монографија е таков документ кој дава пресек за значењето на Државниот архив, кој во иднина ќе биде солидна основа за надополнување со нови документи и историски материјали и со нови историско-научни достигања – нагласи директорот, Емил Крстески.
Тој додаде дека оваа Монографија е дел од нашата пишана историја и сведоштво на досегашното функционирање на Државниот архив, кој е наш паметник, чувар на нашето минато, нашата историја и светилник на нашата иднина.
Тој изрази и загриженост поради се помалиот број на студенти на Катедрата по историја и архивистика и на истражувачи за нашата историја.


Во своето излагање, Бранимир Светозаревиќ зборуваше за значењето на архивистиката и за успешната работа на деветте одделенија на Државниот архив во земјава, што одвоено се разработени во самата Монографија.