Поранешниот дипломат Ристо Никовски во пообемен текст за „Нова Македонија“ се осврнува потемелно на договорот за надминување на разликата за името со Грција. Неговите ставови за овој договор досега ги изнесувал во повеќе текстови, во телевизиски дебати и во интервјуа, но во текстовите што ќе ги објавиме во неколку продолженија прави детална анализа. Насловите се редакциски
Да мораш да се прекрстиш за да те примат некаде, па да е тоа и во рајот, навистина е неприфатливо, понижувачко и недостојно. Токму тоа ни се случува нам, со што се посрамени и навредени сите Македонци. Овој бесрамен чин го поддржуваат само тие што немаат достоинство и кои се подготвени за одредена корист да прифатат непристојни нешта. За некои, очигледно, не е срамота да виткаш ’рбет, за да исполниш некоја или, во случајов, нечија цел. Се бришат националниот карактер на државата и македонскиот народ и се урнисува неговиот вековен непокор и простум, а предавниците слават. Државата е прекрстена и Македонци повеќе нема да има. Ќе има, ама тоа ќе бидат измислените од Грција. Ние срамно сме претворени во аморфна маса, која нема свое достоинство и свое самочувство. Го надминаа и Макијавели (целта ги оправдува средствата). Обезличена и урнисана ни е државата, но останува надежта дека проектот, сепак, нема да им помине. Еве зошто договорот е капитулантски. Тој е целосно, стопроцентно асиметричен, што е недозволиво во меѓународни договори. Македонија даде сѐ што се бараше од неа, а не доби ништо за возврат. Што можевме уште да жртвуваме? Во него има само срамни и понижувачки обврски за нас, а никакви за Грција. Таа не направи никаков компромис. Како што вели искрено Ципрас – си го вратија назад тоа што ние сме го злоупотребиле! Тоа може да биде само националниот идентитет на македонскиот народ, кој сега се брише. Македонизмот, што би рекле во Софија. Атина е само сеирџија дали ние ќе ги исполниме непристојните задачи што ни ги поставија.
Нивна единствена обврска е да не нѐ попречуваат во НАТО и во ЕУ. „Гаранција“ е хашката пресуда. А ако се покажеме толку недоквакани и го спроведеме нивниот диктат, тие сѐ уште имаат шанса да се премислат и да не го ратификуваат договорот.
Договорот е диктат што Македонија мора да го спроведе во одредени рокови. Текстот, најверојатно, е – американски. Заклучокот се базира врз фактот дека тој е целосно комплементарен со Привремената спогодба (1995), Охридскиот рамковен договор (2001), Договорот за пријателство и соработка со Бугарија (2017), заедно со Декларацијата (1999), како и со Тиранската платформа (2017). Сите тие се напишани во Вашингтон и имаат иста цел – бришење на Македонците и сѐ што е нивно национално, почнувајќи од македонскиот карактер на оваа држава.
Договорот го игнорира Уставот, а со тоа и уставниот поредок на земјата, што е тешко кривично дело од страна на тие што преговараа и го потпишаа.
Самите го укинавме својот суверенитет и дозволивме друга земја да ни одредува што може да стои во Уставот, а што не. Во членот 1 став 12 се вели: „… Ваквата промена (на Уставот) ќе се изврши наеднаш и севкупно со еден амандман. Според таквиот амандман, името на државата и термините следствено ќе се сменат во сите членови од Уставот“. Има и додаток: „Втората страна ќе пристапи кон усвојување соодветни амандмани на преамбулата, членот 3 и членот 49 од Уставот…“. Придавката „македонски“ ќе биде целосно отстранета од текстот на Уставот. Со длабински промени, целосно ќе се избрише македонскиот национален карактер на државата и македонскиот народ како државотворен. АСНОМ и Илинденското востание ќе се анулираат или ќе имаат нов лик.
Со членот 1 став 3 од договорот е решено – „официјално име на втората страна ќе биде ’Република Северна Македонија’, кое ќе биде уставно име и ќе се употребува ерга омнес, како што е пропишано во овој договор“. Прифативме друга земја да ни одредува како ќе ни се вика државата, а со тоа и што ќе бидеме ние самите…
Остануваме без минато. Се брише меморијата на македонскиот народ, бидејќи, со новото име, се создава нова држава со нова, измислена, политичка нација, која нема свои историски корени.
Се потврдуваат и официјализираат историските синдроми на Бугарија и на Грција, дискретно поддржани и од Албанија, дека македонскиот народ е измислен и се „појавил“ по Втората светска војна. Предадени се македонските национални идеали на стотици илјади наши предци и згазнато е на нивните жртви. Преку заедничката историја со Бугарија, пак, сите нив ги направивме „Бугари“. По многу нешта е клучен членот 1 став 3 (ф), кој гласи: „Придавската референца за државата, за нејзините официјални тела и други јавни институции… ќе биде ’на Република Северна Македонија’ или ’на Северна Македонија’“. Тоа значи дека ништо официјално и јавно во државата нема повеќе да смее да биде – македонско. Сѐ што досега беше македонско, отсега ќе биде – забрането и прекрстено. Нема повеќе да има македонски народ и, според тоа, ништо нема да може да се повикува на него. Македонските национални институции какви што се академијата, радио-телевизијата, народниот театар, поштата, „Танец“… се бришат. Грците не ни го дозволуваат тоа. Сите тие ќе станат – „на Северна Македонија“, на новата измислена држава, која нема свој корен. Тоа ќе важи за МАНУ, која ќе стане Академија на науките и уметностите на Северна Македонија (АНУСМ), за МРТ (РТСМ), за МНТ (НТСМ), за МП (ПСМ)… Сите спортски репрезентации, на пример, исто така ќе бидат северномакедонски.
Иако Грција има само дел од регионот и не може да има монопол на брендот Македонија, со членот 1 став 7 директно ни се забранува понатамошно користење на термините „Македонија“ и „Република Македонија“. Сепак, дозволено ни е да останат имињата на Македонска Каменица, Македонски Брод… што е, секако, наш огромен „успех“, ако се шегуваме. Нормално, нови такви имиња – нема да смееме да даваме.
(продолжува)