Да се биде или не, прашање е сега
Некој може да тврди дека прагматизмот е средство за решавање на несфатливите и наметнати проблеми со соседите и може да заклучи дека Европската Унија е цел, а прагматизмот е средство. Но дали прифатеното средство навистина нѐ води кон вистинската цел?
Во октомври 1921 година делегацијата на Ирската републиканска армија (ИРА), предводена од легендарниот Мајкл Колинс и од Артур Грифит, пристигна во Лондон со надеж да го оствари вековниот сон за ирска држава. Но Ирците се соочија со закани и уцени за „ужасна и непосредна војна“ доколку британските барања не бидат прифатени. Меѓу другото, тогашниот британски премиер Дејвид Лојд Џорџ во разговор со Мајкл Колинс се заканил дека оние што не се за мир, мора да ја преземат „одговорноста за војната“, која ќе следува веднаш доколку сите ирски делегати не го ратификуваат договорот. Договорот предвидувал создавање ирска држава, но за Ирците спорно било барањето за изјаснување на шесте окрузи во северниот дел на Ирска и нивното право за одделување од идната ирска држава и останување во рамките на британската држава, со што се создавале услови за поделба на Ирска.
На крајот, Мајкл Колинс и Артур Грифит, соочени со притисоците на британската страна, го прифаќаат прагматичниот пристап во преговорите, предвидувајќи дека договорот е само привремен. Следствено, на 6 декември 1921 година беше потпишан Англо-ирскиот договор со што ѝ се стави крај на војната и се поставија темелите на Република Ирска. Но следната година Северна Ирска се отцепи од Ирска, со што се предизвика ирската граѓанска војна, во текот на која Мајкл Колинс бил убиен од своите сонародници. Англо-ирскиот договор може да послужи како пример и поука дека потпишаните договори не се привремени, а прагматизмот не секогаш води до посакуваните резултати.
Сто години подоцна, кога македонскиот народ е соочен со однадвор наметнати егзистенцијално-идентитетски предизвици, еден дел од македонската политичко-општествена елита, слично како и Ирците, го прифати прагматизмот како решение за наметнатите ирационални барања на соседите, кои станаа пречка за членство на македонската држава во Европската Унија. Во тој правец треба да се сфатат содржината на
Преспанскиот договор, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, работата на мешаната македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, вклучувајќи ја и последната контроверзна изјава на Денко Малевски за националната припадност на Гоце Делчев и на Крсте Петков Мисирков. Очигледно е дека прагматизмот влезе на голема врата во македонската политика, но што претставува тој?
Прагматизмот може да се разбере како начин за решавање одредени проблеми, притоа важност има само постигнувањето на целта. Прагматичарите го оставаат настрана идеализмот и прифаќаат дека половина леб е подобро, отколку воопшто да се нема леб, и се подготвени за компромис. Но прагматизмот не вели дека треба да се прифати што било, ако ни помага само за кратко да преживееме.
Некој може да тврди дека прагматизмот е средство за решавање на несфатливите и наметнати проблеми со соседите и може да заклучи дека Европската Унија е цел, а прагматизмот е средство. Но дали прифатеното средство навистина нѐ води кон вистинската цел? Никола Милошевиќ вели дека гледиштето според „кое целта го оправдува средството од праксеолошки (праксеологија е наука за човековата активност б.н.) аспект е целосно неодржливо. Пред да можеме да тврдиме дека целта го оправдува средството, мора да знаеме дали навистина средството за кое станува збор води кон таа и таква цел“. Овој српски филозоф исто така вели дека „единствената исправна формулација би требало да гласи: целта го одредува средството“.
Ако прифатиме дека целта го одредува средството, тогаш треба да ја разбереме суштината на целта. Но во нашиот случај мора да признаеме дека крајната цел не е јасна. Со децении слушаме дека стратегиска цел е влез во ЕУ, меѓутоа не е јасно прашањето кој да се внесе – македонскиот народ или македонската нација. Притоа мора да имаме предвид дека термините народ и нација имаат различно значење. Македонскиот народ е заедница со заедничко етничко потекло, јазик, историја, културна и традиција, додека пак македонската нација не се карактеризира со заедничко минато, култура, јазик или религија. Доколку целта е влегување на македонската нација во ЕУ, тогаш прагматизмот не води кон поставената цел. Но тоа значи прифаќање на ирационалните барања на бугарската елита, со што се разнебитува македонскиот народ и се претвора во аморфна маса. Тогаш правилното формулирање на целта би требало да гласи – влез на македонскиот народ во ЕУ. Ако го прифатиме искажувањето на почитуваниот Никола Милошевиќ дека целта го одредува средството, тогаш слободарска и демократска Европа го дефинира средството и прагматизмот ја губи својата вредност.
Тоа значи дека ниедна влада или политичко-општествена елита нема право да донесува одлуки во името на македонскиот народ за неговата иднина. На крајот, Македонците треба да одлучат дали сакаат да влезат во Европската Унија како Македонци или како една обезличена и неопределена маса без свој јазик, историја и култура.