Дали онлајн судењата во пандемијата се решение за кривичните предмети?
Постои ли опасност пандемијата на коронавирусот да предизвика состојба што уште повеќе ќе ја искомплицира состојбата во правосудството? Колкава е веројатноста да продолжи пандемиската појава сѐ позачестено да се одложуваат кривичните предмети, можеби дури за да застарат или, пак, за да бидат вратени да се решаваат од почеток?
Првиот човек на Кривичниот суд, Иван Џолев, неодамна изјави дека се плаши оти вирусот може да го измени начинот на кој функционира судската институција.
– Поради ковид-19 некои предмети во Кривичен суд можат да застарат или да бидат вратени од почеток – изјави првиот човек на судот, Иван Џолев, и доде дека поради коронавирусот многу рочишта истовремено се одложуваат.
За новинарите, Џолев напомена дека овие состојби се надминуваат со идејата за онлајн судењата, која е одлична идеја, но за нејзина реализација се потребни законски измени и соодветни услови, бидејќи досега само прекршочните предмети можат да се судат во онлајн формат.
Од друга страна, пак, во интервју за „Нова Македонија“, министерот за правда Бојан Маричиќ на темава истакна дека пандемијата на ковид-19 беше своевиден катализатор на дигитализацијата во повеќе сектори.
– Судството како еден од најважните составни делови на секој систем мора да ги следи современите информатички текови, не само поради спречувањето на ширењето на заразата во судовите и обвинителствата туку и да се овозможи редовен и квалитетен тек на судските процеси – истакнува Маричиќ.
Тој подвлекува дека е свесен дека за дигитализацијата се потребни и законски измени, потребни се пари, знаење и технологија, но уште поголема е потребната од ефикасен судски систем и додава дека онлајн рочиштето во Основниот суд во Кавадарци го смета за пример што ќе биде дополнително охрабрување за користење современи дигитални технологии во судството.
Во меѓувреме, поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, на оваа тема вели дека иницијативата за водење интернет-судења преку видеоврски е спроведлива во нашите судови, но не секаде, туку само во големите градови и во оние судници во кои има технички услови за спроведување на судењата.
Илиев потсетува дека овој начин на дејствување не е новост за македонските судови, бидејќи на овој начин се вршело земање изјави од сведоци, кои поради безбедносни или други причини не биле во нашата држава или им била скриена локацијата од која се јавуваат.
Сепак, Илиев оценува дека во суштина вршењето на овие судења доаѓа во судир со законите, бидејќи кај нас сѐ уште нема пропишано законски мерки за водење на процесите на овој начин.
– Јас лично дополнително не гледам голема корист од овој тип водење на процесите, но истовремено верувам дека науката и практиката во правото треба да прогресираат – вели Илиев.
Тој резимира дека ако државата одлучила да спроведува вакви судења, тогаш треба и да ги оспособи судовите да функционираат како оние во големите градови, затоа што во сегашните услови сѐ уште имаме судници во кои записниците се изработуваат со машина за чукање.