Правосудниот систем, таков каков што е денес, ни покажува дека веќе нема простор за реформирање – или одлучно ќе се пристапи кон негово целосно редефинирање од корен, или можеме да му пропишеме пропаст
Бранко Азески
Од мојата позиција како претседател на Стопанската комора на Македонија, која по правило има економски надлежности, сите овие години некако настојував да се држиме подалеку од темите што не се поврзани со економската проблематика. Сепак, изминатите неколку месеци како повторно да го вклучија црвеното светло дека состојбите во секторот правосудство стануваат алармантни и дека сите општествени чинители мора да се посветат на соодветно решавање на тие прашања, пред да може да биде преземено што било друго, или пред да очекуваме позитивен резултат во која било друга сфера. Затоа, и самиот ѝ давам приоритет на темата за владеењето на правото во моментот пред економските теми.
Кои се главните проблеми во нашето правосудство, кое треба да биде основниот столб на примената на принципот на владеење на правото? Лоренс Фридман, експерт за американската правна историја, вели: Правните системи не лебдат во некој културен вакуум, ослободен од простор и време и социјален контекст; нужно, тие го одразуваат она што се случува во нивните општества. На долг рок, тие ја преземаат формата на овие општества, исто како што ракавицата се приспособува себеси според обликот на човековата рака.
Наједноставно кажано, ни се случи сета нефункционалност, непрофесионалност, непочитување на редот и поредокот што ги имавме во сите пори на општествениот и политичкиот систем сите изминати години да ни се прелеат во правосудниот систем. Веројатно не ни бевме свесни дека работите таму се толку лоши. И токму кога чекавме баш правосудството да почне да ги решава аномалиите на целиот систем, да почне да ги враќа работите во некој нормален колосек, тоа ни покажа дека е погнило од скапаниците што требаше да ги расчистува во системот во кој живееме.
Не е дека не се правеа обиди за реформи на правосудството сите овие изминати години – формално, барем на хартија, се исполнија сите претпоставки правосудството да се изгради како трета, независна и самостојна власт – сами одлучуваат за финансиите преку сопствен судски буџетски совет, сами одлучуваат за изборите и разрешувањата преку судскиот совет и советот на јавни обвинители, сами ги спроведуваат процесите на едукација и тренинг на кадрите преку академијата, милиони од странски донатори се потрошија за доопремување и за едукација… А, сепак, впечатокот е дека правосудството е спаднато на полошо дереџе од почетоците пред повеќе од 25 години.
Постарите генерации правници паметат времиња кога не смееше да се случи две спротивставени одлуки да излезат од ист суд, а уште помалку од ист судечки совет; кога предметите се решаваа за во нив да се најде вистината во духот на законите што се применуваа, а не да ѝ се угоди на страната што е преферирана; кога донесените одлуки носеа чувство на правичност дури и за страната што го губеше спорот; кога во повисоките инстанции напредуваа најквалитетните кадри, кои со своето резонирање ѝ даваа дополнителна вредност на правната практика, а не заслужни кадри по други основи; кога разрешувањата беа мерило за стручноста и совесноста на кадрите во правосудството, а не алатка на другите две власти…
Сето ова одамна го нема – не е дека ни се случи прекуноќ, туку полека-полека, една неправична одлука по друга, еден надворешно влијание врз одлучувањето по друго, еден нестручен кадар што напредуваше по друг, доведоа до состојбите што ги имаме денес. Само никој од нас не го признаваше тоа гласно додека не ги почувствува последиците од тој систем по себе, и чувството на горчина, кое многу често, за жал, го носат резултатите од правосудството.
Правосудниот систем, таков каков што е денес, ни покажува дека веќе нема простор за реформирање – или одлучно ќе се пристапи кон негово целосно редефинирање од корен, или можеме да му пропишеме пропаст. Да се разбереме, не може да се генерализира – останаа сѐ уште во тој систем квалитетни кадри, врвни правници, кои се стручни, објективни и непристрасни и кои доследно ги применуваат правилата и прописите. И токму од тие луѓе мора да започне враќањето на состојбите во нормала.
Со цел да дадеме свој придонес кон решавањето на овие прашања, во Стопанската комора на Македонија следната недела (на 26.8.2019 година) организираме тркалезна маса на тема „Владеење на правото како императив за стабилни и предвидливи услови за водење бизнис“, на која за овие прашања бизнис-заедницата ќе продискутира заедно со клучните општествени чинители, научната и стручната јавност. Без расчистување на овие прашања, економските приоритети остануваат само далечни желби.
Авторот е претседател на Стопанска комора на Македонија