Маричиќ до амбасадорите од ЕУ
Министерот за правда Бојан Маричиќ, заедно со директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и заменик директорот Илми Селами, одржаа состанок со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во земјава, на кој се разговарало за подготовката за спроведување на пописот.
Како што информираат од ресорното министерство, на средбата било посочено дека по носењето на Законот и објавувањето на методологијата, сите одговорни за организацијата на пописот интензивно работат со цел успешно спроведување на операцијата.
– Последниот попис во Северна Македонија се одржа во 2002 година. Имавме и неуспешен и скап обид за попис во 2011 година. Нашата земја една од ретките во светот која е без попис цели 19 години. Ова се дел од причините зошто е потребен пописот, секако почитувајќи ги сите здравствени протоколи со цел да се заштити здравјето на нашите граѓани. Веќе имаме едно слично искуство со успешно организирање на предвремените парламентарни избори во услови на пандемија – истакнал министерот.
Тој воедно на ЕУ амбасадорите им ги презентирал реформите во судството со акцент на интерниот план за проверка на работата во судството и дигитализацијата.
Токму за воведувањето на информатичката технологија во работата на судовите е најавена поддршка од неколку ЕУ држави, за што министерот се заблагодарил и кажал дека нивното искуство за овој процес е од големо значење за државата.