На денешната седница Владата ја усвои информацијата за нивелација на платите на вработените во институциите од областа на културата по дејности во согласност со која 2.899 лица вработени во културата ќе имаат зголемување на платите почнувајќи од април.
Со нивелацијата на платите се опфатени сите вработени во културата, односно вработените и во националните установи и вработените во локалните установи од областа на културата.
Со оваа информација е констатирано дека Министерството за култура е во фаза на подготовка на нов закон за јавен интерес во културата, кој ќе биде усогласен со новите измени на законите од областа на јавната администрација, односно со Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, и по неговото усвојување, ќе се создадат услови за ново усогласување на платите во културата.