Претседателот Стево Пендаровски денеска изврши обиколка на позициите на Армијата стационирани на јужната граница на државата. Во караулата „Гоце Делчев“ на граничниот премин „Богородица“ претседателот Пендаровски поразговара со војниците за нивните обврски во пограничниот дел на државата, начинот и периодот на нивна ротација.
Исто така, командантот на бригадата го информираше Пендаровски за работата на припадниците на Армијата во караулата „Гоце Делчев”, но и во останатите караули во пограничните градови на јужната граница на земјата.
Во изјавата за медиумите, претседателот потенцираше дека во моментов не е регистриран поголем број на илегални мигранти, освен вообичаените за овој период од годината и додаде дека не се очекува поголем бран на мигранти коишто од соседна Грција би влегле во Македонија. Но, и да се случи тоа, како што рече претседателот Пендаровски, сите надлежни институции се подготвени.
– Државните органи на дневна основа следат што се случува тука, имаме и на дневна основа размена со партнерските служби, практично на дневна основа има и состаноци на управувачкиот комитет во Центарот за управување со кризи каде што секоја надлежна институција има свој претставник, вклучително и Кабинетот на Претседателот. Од неодамна е, според закон, активиран и новиот орган за координација на службите кои исто така имаат дневни проценки, дневни анализи. Од пред два дена, можам да ви кажам дека и армискиот контингент тука го зголемивме, не можам да зборувам за бројки бидејќи тоа се класифицирани информации, меѓутоа го зголемивме. Не во очекување на некој голем бегалски бран, меѓутоа во очекување на тоа што евентуално може да се случи, да не не фати неподготвени. Знам дека истото се случува и со единиците на вработените од МВР – истакна претседателот Пендаровски.
Истовремено, како што додаде претседателот Пендаровски, притисокот од мигранти сега е на турко-грчката граница и дека бранот на бегалци наликува на оној во 2015 и 2016 година.
– Ние сме дел од еден поширок, да го наречам, низ на држави кои морааат да бидат подготвени, па макар и како транзитна зона што се вели, меѓутоа јасно е дека искуството од 2015 и 2016 година е огромно и вредно во таа насока. И да има евентуален прилив, ве уверувам дека сите надлежни органи се тука и се будни, анализираат и разменуваат информации, така што практично не можам да видам ситуација во која ќе бидеме изненадени. Ако можевме со највисоки оценки да го завршиме менаџментот на кризата 2015/16-та со тој транзит од над еден милион и триста илјади луѓе преку нашата територија, сега не дај боже да дојде таква ситуација, меѓутоа ние сме подготвени и повторувам тоа не можеме да го направиме сами, освен со одлична соработка со партнерските држави во рамки НАТО Алијансата, и се разбира со нашиот сосед Грција – заклучи претседателот Пендаровски.
Претседателот на јужната граница го посети и Транзитниот центар Винојуг – Гевгелија кадешто се врши регистрација на мигрантите коишто во Македонија влегуваат од Грција. Одговорните лица во Транзитниот центар го информираа претседателот Пендаровски дека центарот е целосно подготвен за прифаќање и привремен престој на мигранти. Во моментов во центарот престојува само едно семејство од Авганистан. Според одговорните лица, Транзитниот центар истовремено има и хуманитарен карактер, односно згрижува луѓе со социјално загрозен статус. Во центарот во континуитет се присутни претставници на Црвениот Крст, УНХЦР и доктори коишто им пружаат неопходна помош и поддршка на лицата коишто се привремено сместени тука.
На јужната граница, односно на граничниот премин помеѓу Македонија и Грција претседателот Пендаровски ја посети и точката 59. Во последниот мигрантски бран во 2015 и 2016 година на ова место покрај железничката пруга, беше најголемиот наплив на бегалци.