Претседателот Стево Пендаровски, по повод почетокот на Новата црковна година, упати писмо до Неговата Сесветост Вартоломеј, Архиепископ Цариградски – Нов Рим и Вселенски Патријарх.
– Ми претставува особена чест да Ви се обратам и да ги изразам своите срдечни желби по повод почетокот на Новата црковна година.
Историјата вели дека треба постојано да се сообразуваме со времето и да го користиме во полза на благосостојбата на луѓето. Вселенската патријаршија е пример за тоа како може да се остане доследен на вредностите, а истовремено да се биде динамичен во соочувањето со тековните предизвици.
Како претседател на мојата земја, сакам лично да Ве информирам дека како држава, изминативе три години, решивме да го искористиме времето во наша полза и да ги оставиме зад нас историските несогласувања.
Ви се обраќам во името на голем дел од моите сограѓани коишто се идентификуваат како православни христијани и чија единствена желба и потреба е да се смират со своите ближни и да се упатат кон заедничката иднина, кон соживотот и кон вистинската слобода.
Во оваа насока би сакал да упатам барање до Вашата Сесветост да го уважи повикот на нашиот благочестив народ и на нашата Црква да го употребите своето апелационо право, со што нашите граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите останати православни христијани во светот.
Ви посакувам здравје среде големата неизвесност со здравствената криза што го зафати целиот свет – се вели во писмото на Пендаровски.