Јонуз сподели неколку техники за тоа како сами да си укажеме итна помош при паничен напад
На Гугл зборовите „панични напади“ биле најмногу пребарувани во целата историја на интернет-пребарувачот
Вознемиреност, силен страв, чувство за загуба на контрола над емоциите, чувство дека ни претстои пропаст или опасност, страв од смрт, силно чукање на срцето, потење, треперење или тресење, отежнато дишење или стегање во грлото… Ова се само дел од симптомите што може да се почувствуваат при паничен напад. Јасмина Јонуз, психолог и психотерапевт, вели дека пандемијата на коронавирусот донесе и епидемија на анксиозност, а паничните напади знаат да се нејзина главна црта.
Во првите месеци по започнувањето на пандемијата на коронавирусот во светот, како што покажуваат неколку студии, околу 60 отсто од луѓето почувствувале проблеми со менталното здравје. Истражувањата покажаа и дека на Гугл зборовите „панични напади“ биле најмногу пребарувани во целата историја на интернет-пребарувачот.
Јонуз сподели неколку техники за тоа како сами да си укажеме итна помош при паничен напад.
Што се паничните напади?
Паничните напади секогаш се појавуваат без јасна причина и ненадејно, дури и во текот на спиењето, предизвикувајќи чувство на бесмошност и неспособност.
Честопати при паничните напади, луѓето се соочуваат со стравот од губење на контролата над своите постапки, страв од смрт и полудување. Во студијата „Панично растројство и агорофобија“, во која се елаборирани мислењата на повеќе експерти, се вели дека паничните напади може да се појават поради неколку психички нарушувања како што се социјално анксиозно растројство, панично растројство, депресија и посттраумастко стресно растројство. Но, не сите панични напади се резултат на растројство
Јасмина Јонуз вели дека паничниот напад сам по себе не е растројство и дека секој од нас во текот на животот може да доживее епизода на паника.
– Доколку имаме еден хендикепирачки страв од иден паничен напад, тогаш нападите се повторувачки и доколку избегнуваме многу нешта, тогаш можеби веќе сетанува збор за панично растројство – вели Јонуз.
За да се утврди точната состојба или дијагноза потребни се разни критериуми и консултации со стручните лица. Јонуз вели дека добрата вест е дека со адекватен третман можеме мошне брзо да се ослободиме од паничните напади.
Како да се ослободиме од паничните напади
Со терапија можеме да работиме на намалување на катастрофирачките мисли и на разни бихејвиористички експерименти со кои ќе го надминеме стравот од паничен напад.
-Она што може да го направиме како итна помош за време на паничениот напад е фокусирање на дишењето и да се обидеме да го балансираме и забавиме – вели Јонуз.
Таа препорачува три секунди да вдишуваме низ носот и три секунди да издишуваме.
Исто така, можеме да се обидеме да дишиме т.н. на дијафрагма, па при вдишување стомакот оди надвор, а со издишување навнатре.
Освен дишењето, убава техника е насочувањето кон сетилата, сега и овде.
-Забележете неколку бои околу вас, неколку звуци и некој мирис, допрете некоја текстура, забележете го вкусот во вашата уста и вкусете нешто. Овие техники навидум изгледаат лесни и неефективни, но тие имаат одлично дејствувачко смирување на телесните симптоми – вели Јонуз.
Меѓутоа доколку страдате од панично растројство, препораките на експертите е да се обратите до психолог или психијатар за да бидат опфатени сите нишки кои го одржуваат растројството.
-Во меѓувреме грижете се за себе и она што е во ваша контрола, негувајте здрави навики и внимавајте на дишењето – додава Јонуз