Покрај набавката на огревно дрво и подготовка на зимница, граѓаните на Кичево и низ целата земја, пред доаѓањето на зимата, барем еднаш помислуваат дали нивниот оџак е чист и дали ќе треба и годинава да ги посети оџачарот.
-Како се приближува зимата така моите сограѓани се повеќе ме бараат да ги посетам и да ги средам оџаците во нивните домови. И летово имав доста повици, бидејќи дел од граѓаните сакаа да ги исчистат оџаците пред да варосаат, за потоа да немаат дополнително ѓубре во домот од саѓи и пепел. Но за повеќето сограѓани ударниот период за чистење на оџаците се од средината на август до средината на ноември, кога бројот на повици е најголем. Чистите оџаци придонесуваат да има подобро затоплување во домовите и помало загадување на надворешниот воздух, бидејќи ќе ги нема саѓите и пепелот, а тоа овозможува да нема согорување во самите оџаци-вели Али Етемоски, оџачар од Кичево.
Иако овој занает важи за еден од најризичните за самиот оџачар, а и доста валкан, сепак Али со задоволство го работи и ќе го работи до старост.
-Оџачарскиот занает е еден од поопасните, бидејќи се качувате по покриви по секакво време и на секакви материјали и она најважното работите на височина што ја носи и главната опасност за нас оџачарите. Меѓутоа со тек на време се навикнувате на работата, а качувањето на високите покриви ви доаѓа како нормална работа. Проблем претставува единствено ако има врнежи од дожд, снег и смрзнати кровови, тогаш ќерамидите се лизгави и ако не сте внимателни за миг можете да се најдете долу. Но благодарение на големото искуство при работата и по малку на среќата, засега ми се нема случено нешто непријатно. Тешкотиите доаѓаат со годините поготово на некои многу стрмни покриви, каде качувањето оди потешко а ризикот при работата е многу поголем. Инаку повеќето граѓани оџаците ги чистат на една до две години, а ретко кој тоа го чини на подолг период-заврши Етемоски.
Иако работи занает кој е доста нечист, сепак Али држи до себе и после завршената работа, пресоблечен и секогаш подготвен за вечерно кафе и подолг разговор на секоја тема. Нема црно одело и капа како други оџачари, за кои се мисли дека носат среќа, но затоа носи топли домови и пријатна зима за жителите од овој регион.