Шалом ќе биде македонската лабораторија за развојни решенија, предводена од искуството и добрата волја на дипломците на израелската агенција „Машав“, најави Марија Герас Дочовска, советничка за економски работи на амбасадорот на Израел за Македонија, поздравувајќи ги многубројните присутни основачи во Центарот за трансфер на технологии и иновации (ИНОФЕИТ).
– Наша цел е да ги промовираме благодатите од соработката со Израел – изјави претседавачот на основачкото собрание Александар Стамболиев дополнувајќи дека најнов пример за оваа соработка е гостувањето на универзитетски професори од Израел, како и на израелскиот амбасадор во земјава, Дан Ориан, на студентската конференција, која што одржа деновиве на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Инаку, „Машав“ е агенција за меѓународна развојна соработка при Министерството за надворешни работи на Израел. Mисија на агенцијата е да ги зајакнува и поддржува поединци и заедници што имаат потреба од алатки и експертизи за да постигнат одржлив развој во рамките на нивните општества. Заедницата на „Машав алумни“ има повеќе од 300.000 дипломци од 140 земји, а во рамките на агенцијата има 50 тренинг-центри. „Машав“ одржува комуникација со своите алумни низ светот преку мрежата на национални шалом-клубови.
– Како резултат на актуелноста на програмите на „Машав“, досега над стотина македонски професионалци учествуваа во нив. Следниве теми ѝ го привлекуваа вниманието на македонската јавност: иновации и старт-ап, подобрување на земјоделството и прехранбената индустрија, животна средина, обновлива енергија и климатски промени, здравје, велнес и инклузија, социокултурен развој. Шалом-клубот ќе ги промовира курсевите на „Машав“ и континуирано ќе работи на зголемување на македонскиот Шалом-клуб. Потоа ќе има професионални работилници во различни тематски сектори на работата на „Машав“ за тековната година. Ваквите работилници би помогнале да се стекнат сознанија за алумни на тековната година да бидат дисперзирани меѓу релевантната македонска публика. Исто така, ќе има и промоција на водечки израелски организации/компании, кои се заинтересирани за воспоставување на соработката во Македонија преку вклучување на македонските дипломци на „Машав“ и поддржани од овластениот економски консултант на Министерството за надворешни работи на Израел. Предвидено е да има и студиски посети во и од Израел за клучни културни, научни или технолошки деловни настани, како и добротворни и хуманитарни акции – објасни Стамболиев.
Амбасадорот на Израел, Дан Ориан, истакна дека во Македонија има професионални кадри, во кои Израел гледа водечки партнери.
– Клубот „Машав“ е организација на високообразовани професионалци, кои ги надградиле своите знаења на некои од машав-курсевите во Израел. Тоа се курсеви од областа на високото образование во различни области, од студии за технологии, до студии за агрокултура, образование, соларна енергија и многу други. Се работи за висококвалификувани, многу квалитетни луѓе, во кои гледаме наши водечки партнери во Македонија. Секако, работиме со министерствата и со другите институции, но ова се професионалците. Израел придонесува во идно партнерство, преку тоа што им дава специјални алатки, со кои ние веќе имаме големо искуство. Во Шалом-клубот на Македонија гледам градење на нови мостови меѓу Израел и Македонија – истакна Ориан.
Тој во овој контекст го посочи успехот на хакатонот што се одржа во Битола во март оваа година.
– Работењето на заеднички проекти, кои веќе беа реализирани, може да направи чуда. На хакатонот што се одржа во Битола, алумни од „Машав“ од Македонија, заедно со експерти од Израел, го направија најголемиот хакатон во државата. Тоа беше најголемиот натпревар во иновации, кој ние го нарековме „Биталон“. Тој беше воден од тројца учесници на машав-курсевите за акцелератори, Александар Стамболиев, Игор Изотов и Мимоза Јовановска. Над сто млади луѓе бараа нови иновативни начини користејќи ги дигиталните алатки за да раскажат приказни што го претставуваат животот на некогашната еврејската заедница од Битола. Следната година планираме голем хакатон на темата „Загадување“. Има многу опции и секако експертите од Израел ќе пренесат свои идеи и искуства, ќе кажат што е тоа што е потребно да се направи овде, без оглед за која област се работи, дали земјоделство, здравство, образование, метеорологија, образование на лица со посебни потреби. Во овие полиња имаме многу силни експертизи – нагласи амбасадорот.