Фото: Игор Бансколиев

„Бог се јави. Навистина се јави“ е поздравот со кој верниците на 19 јануари секоја година го честитаат празникот Богојавление-Водици. Овој ден се прославува во сите земји што имаат православно христијанско население и веќе два милениума се смета за еден од најголемите христијански празници, со кој му се дава значење на крштевањето како една од светите тајни на христијанството.

Прославите на овој ден се најизразени во Охрид, на Охридско Езеро, и во Скопје, на реката Вардар.
Во Скопје, церемонијата ќе почне со богојавленската литургија, во 9 часот, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“. Оттаму, г.г. Стефан, поглаварот на Македонската православна црква-ОА, со свештениците ќе се упати на мостот кај хотелот „Холидеј ин“, каде што во водите на Вардар ќе го спушти крстот и ќе ги поздрави верниците со зборовите „Бог се јави“, на што тие ќе му возвратат со „Навистина се јави“.
Според теолозите, на овој ден Синот Божји бил крстен во реката Јордан, а оттогаш крштевањето се слави како духовно раѓање и почеток на човековото живеење на верата.

– Со овој празник завршуваат дванаесетте некрстени дена, како и циклусот зимски празнувања, во кои спаѓаат прославувањата на Бадник, Божиќ, Нова година и на Василица – објаснуваат теолозите.
Крстот е симбол на христијанството, а света должност е тој да се сака и да се чува. Затоа и за секој православен верник е чест да се извади крстот од водите на реките или езерата во земјава, особено кога тоа се прави во голема конкуренција на капачи. Откако водата ќе биде осветена, граѓаните масовно полнат од осветените води. Се верува дека на тој ден водата е благословена и лековита и носи здравје, среќа и бериќет.


По Богојавление, почнуваат чудата на Христос

На Богојавление, со крштевањето, според теологот Ратомир Грозданоски, почнала Христовата евангелска, благовесничка дејност.
– Кога се крстил Христос имал 30 години. Од тој момент ја почнал својата евангелска, спасителска дејност. Најпрво, избрал 12 свои ученици и ги нарекол апостоли. Зошто ги нарекол апостоли? Затоа што апостол значи пратеник, а тие биле божји пратеници, нив Христос ги испраќал меѓу луѓето да проповедаат. За таа дејност тој ги подготвил, почнувајќи од Богојавление. По неговото крштевање на Водици, Христос почнал со својата спасителска дејност. Од тој ден, пред апостолите и пред народот, постојано и насекаде поучувал, и со зборови и со дела. А онаму каде што требало, правел и чуда, исцелувал болни и им помагал на луѓето. Им го проповедал Евангелието на сите и насекаде. Сѐ правел од љубов кон човекот. Особено ги сакал децата, болните и сиромашните – истакнува теологот.

[email protected]