Околу 100.000 луѓе во Македонија имаат хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ). Постојано се зголемува нивниот број на Универзитетската клиника за пулмологија. Зголемениот број пациенти со ХОББ е заради нивно експонирање на одредени штетни фактори пред се пушење, аерозагадување…Во 2017 година биле регистрирани 2.800 пациенти. Оваа година досега се регистрирани повеќе од 2.700 пациенти и се очекува тој број до крајот на годинава да биде уште поголем во однос на изминатата година.
Ова денеска го истакна директорот на Клиниката, Дејан Докиќ на одбележувањето на Светскиот ден на хронична опструктивна белодробна болест – 21 Ноември, организирано од Македонското респираторно здружение.
– Она што е позитивно е што се намалува бројот на повторни хоспитализации односно влошувања на здравствената состојба кај овие пациенти. Бројот на пациенти кои по втор или трет пат лежат на Клиниката е намален за околу 700, што се должи на добра превенција и лекување во амбулантските простории на Клиниката – рече Докиќ.
Според него, со секое аерозагадување независно дали станува збор за ПМ честички или други гасовити аерозагадувачи, кои се оксиданси, материи кои прават штета на површината од клетките, доаѓа до воспаление и симптоми како што се гребење во грлото, печење во очите, кивање, сува уста, отежнато дишење, стегање во градите итн.
– Многу сериозни болести се провоцирани од аерозагадувањето. Имаме среќа што само неколку месеци имаме ваква неповолна клима која создава аерозагадување. Во одредени делови од светот, за среќа не кај нас, хроничното експонирање може да доведе и до посериозни заболувања, да влијае на кардиоваскуларниот систем, а доаѓа и до карцином на белите дробови – додаде Докиќ.
Претседателот на Македонското респираторно здружение, Марија Здравеска рече дека аерозагдувањето е главна пречка за болеста и посочи дека Македонија е меѓу највисоко рангираните земји во Европа според бројот на смртни случаи од ХОББ.
– Повеќе од 400 милиони луѓе во светот боледуваат од ХОББ. Се предвидува дека околу три милиони луѓе годишно го губат својот живот од хронична опструктивна белодробна болест, а оваа бројка се зголемува. Се предвидува дека до 2030 година 4,5 милиони луѓе годишно ќе бидат жртви на ХОББ – посочи Здравеска.
Македонското респираторно здружение денеска организира стручен состанок на тема „Хронична опструктивна белодробна болест – никогаш прерано, никогаш предоцна“ и промоција на преведениот најнов Европски водич за третман на зависност од тутун.