АД ЕСМ и Подружница „РЕК Битола“ ги поздравуваат напорите на сите организации и поединци во справувањето со еден од најгорливите проблеми во нашата земја – загадувањето на животна средина. Но воедно, од Комбинатот уверуваат дека нема зголемување на загадувањето.
– Нашиот однос кон овој проблем изминатите три години беше отворен, инклузивен, искрен и транспарентен. На овие квалитети, непознати во минатото, се должат и податоците објавени во Извештајот на мрежата Бенквоч. Разликата во податоците од мерењата на емисиите помеѓу 2018 и 2019 година се јавува заради повеќе фактори. Најпрвин, мерењето на емисиите не се одвива континуирано, туку периодично. Согласно обврските од Дозволата за усогласување со Оперативниот план за заштита на животната средина, АД ЕСМ и Подружница РЕК „Битола” се во постапка за набавка на опрема за континуирано следење на емисиите и истата се очекува да биде инсталирана до септември годинава. Напоменуваме дека обврските за заштита на животната средина, содржани во Оперативниот план ги презеде актуелното раковдство на АД ЕСМ и РЕК „Битола”, иако постапката беше започната уште во 2007 година. Ние имаме искрена намера обврските за заштита на животната средина да ги ставиме во институционална рамка и новиот и ревидиран Оперативен план го подготвивме во декември 2019 година. Но, АД ЕСМ и РЕК „Битола” не се сами во постапката. Свој придонес мора да дадат сите, вклучувајќи го и Министерството за животна средина. Податоците на мерните станици за следење на загадувањето во Битола, во континуитет покажуваат концентрации на јаглерод диоксид стотина пати пониски од пропишаниот праг. Врз количеството на емисиите влијае бројот на работни часови на РЕК „Битола“, а во 2019 година трите блока на РЕК „Битола“ работеа речиси секодневно во текот на дванаесетте месеци. Зголеменото производство на електрична струја секако подразбира и зголемени емисии. Во 2018 година се вршело мерење на емисиите во дел од месеците кога Термоелектраната Битола работела, а во 2019 година емисијата
се мерела речиси без исклучок, секој месец. Реалните податоци, пак, за емисиите подразбираат волја на менаџерскиот тим на АД ЕСМ и РЕК „Битола“ отворено да ги согледаат проблемите и да најдат соодветни решенија за истите. Оттаму, не станува збор за „дуплирање” на емисиите, туку за промена на начинот на нивното мерење, како и динамиката на работење на Термоелектраната „Битола” – се вели во соопштението на РЕК „Битола“, кое денеска беше испратено до јавноста. М.М.