Бугарските фашисти на 16 јуни 1943 година во месноста Моклиште стрелаа 12 младинци на возраст од 15 до 27 години, сите од селото Ваташа. И годинава, како и изминатите години, им беше оддадена почест на жртвите на Ваташкиот масакр, а меѓу присутните имаше повеќе потомци на нивните семејства, внуци на загинатите младинци, како и 87-годишната сестра на Блаже Ицев, Нада
Поминаа 75 години од злокобниот 16 јуни 1943 година, кога беше извршен Ваташкиот масакр, најголемото злосторство заедно со Дабничкиот колеж во времето на Втората светска војна во Македонија. Со намера да се спречи големиот подем на Народноослободителното движење, а сѐ во рамките на Јунската непријателска офанзива, бугарскиот фашистички окупатор во месноста Моклиште стрелаше 12 младинци на возраст од 15 до 27 години, сите од селото Ваташа. Списокот за нивното апсење бил направен врз основа на една фотографија пронајдена во џебот на Диме Чекоров, која била направена на првомајската прослава на ваташките младинци истата година. Нивните имиња се: Васил Хaџи-Јорданов, Ферчо Поп-Ѓорѓиев, Диме Чекоров, Данко Дафков, Илчо Димов, Герасим Матаков, Блаже Ицев, Ванчо Гурев, Пане Џунов, Пане Мешков, Ристо Ѓондев и Перо Видев.
Досега секој 16 јуни сонцето немилосрдно пече исто како тој ден пред 75 години, освен оваа година кога во утринските часови мала роса го ороси Спомен-паркот на 12-те ваташки младинци сега убаво уреден и раззеленет. Меѓу многубројните присутни преовладуваа потомци на нивните семејства, внуци на загинатите младинци меѓу кои и 87-годишната сестра на Блаже Ицев, Нада Ицева, сега Јанева.
Со солзи во очите таа многу јасно се сеќава на тоа кобно утро. Блаже имал 17 години, а сестра му Ката 15, и двајцата заднински активно работеле за партизаните. Без да насетуваат што ќе се случи, братот и сестрата пееле додека Блаже го бојадисувал креветот, а Ката нешто шиела. Кога некој силно затропал на портата, прва отворила Нада и одговорила дека Блаже и Ката се дома. Блаже успеал само да си го земе палтото како да знаел дека ќе биде тепан, па барем малку да ја ублажи болката. Биле одведени во селската меана на Васил Хаџи Јорданов, каде што заедно со другите младинци биле безмилосно тепани од страна на полициски заменик-началник Петко Опреков, поручникот Борис Костов и двајца бугарски агенти.
– Јас веднаш истрчав по нив, но постојано ме враќаа назад до мостот. Бидејќи имав само 12 години, постојано се враќав колку што можам поблизу и некако разбрав дека ако се слушне истрел младинците ќе бидат стрелани. Истрчав дома и веднаш ѝ кажав на мајка ми дека ќе ги отепаат. Таа само ме искара со зборовите: „Молчи, името пусто да ти остане, само ќе ги заплашат и ќе ги интернираат“. Кога младинците излегоа од меаната во колона еден по еден под силно воено обезбедување беа однесени во месноста Моклиште, а ние останавме во селото во исчекување што ќе се случи. Наскоро се слушнаа истрели, селаните и семејствата знаеја дека е извршено злосторство – раскажува таа.
Во Моклиште, според сведоштвото на девојките, им било речено да се наредат во круг за фотографирање. Поручникот Костов се обидел да ги припои кон младинците и девојките, но началникот се спротивставил дека тоа не е наведено во наредбата и со тој гест им го спасил животот на четирите младинки, кои биле уапсени со младинците. Во меѓувреме највозрасниот меѓу младинците, насетувајќи дека нешто лошо се подготвува, истрчал кон реката, обидувајќи се да избега. По него тргнале и другите, но било наредено да се стрелаат. Тогаш почнала стравотна пукотница, а младинците погодени од рафалите на пушкомитралезот и од куршумите на пушките паѓале како покосено сено. За масакрот во Ваташа во извештајот на ГШ на НОВ и на ПОМ од септември 1943 година пишува: „Младинците се изрешетани од куршуми од митралези, па потоа се избодени со бајонети. На некои им се исечени рацете и извадени очите и притоа сите биле ограбени“.
– Кога сестра ми Ката влезе во дворот, изнемоштена падна. Мајка ми ја праша каде е Блаже, а таа со плачење одговори дека е стрелан. По толку години и сега со силна болка се сеќавам на таа слика и на зборовите на Ката дека Блаже по рафалното пукање сѐ уште бил жив, но Бугарите со бајонети го убиле пред нејзини очи извикувајќи: „Гледајте, не седнувајте комунистки, гледајте“. Родителите и другите селани истрчаа во Моклиште, но под силна закана дека ќе го запалат селото можеа само набрзина со гранки и со лисја да ги покријат телата и да ги покријат со земја. Мајка ми не ми дозволи и јас да отидам таму, ми нареди да донесам алишта за Блаже, а јас уплашена, не знаејќи што да земам, избрав голем куп алишта, но, за жал, не успеав да ѝ ги однесам на мајка ми – раскажува таа.
Вистинскиот погреб на младинците се случи подоцна по ослободувањето кога семејствата ги откопаа гробовите, ги измија коските во реката и во мали ковчези ги закопаа во Моклиште. Во Ваташа одекна толку силно плачење, а селото повторно беше во голема тага. По тој настан беше испеана песната „Ми заплакало селото Ваташа“ што сега се смета за химна на селото.
Седумдесет и пет години редовно доаѓам тука на 16 јуни и секогаш барам одговор на прашањето зошто беа предадени? Ако претходната вечер некој ни поткажеше дека ќе ги апсат ние имавме скривница во која брат ми никогаш немаше да го најдат. Но заради лични и ситни интереси шпионите не го направија тоа – нагласува таа.
Тој кобен ден заплака селото Ваташа и секој нареден 16 јуни жителите на Ваташа и на Кавадарци со пригодно чествување оддаваат почит пред споменикот на 12-те ваташки младинци во Моклиште каде што редовно се поклонуваат потомците на загинатите нивните внуци и правнуци.
Одбележувањето на овој јубилеј почна вечерта на 15 јуни со свечена академија, која се одржа во реновираната сала на Домот на културата во Ваташа. На присутните гости и на членовите на семејствата на загинатите младинци им се обрати градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, по што следуваше музичкиот настап на Слободанка Танев во придружба на Стевчо Волчев и „АД либитум трио“ со Силвана Чулева Атанасова (флејта), Лазар Соколов (кларинет) и Емилија Кабранова Филипова (пијано) и поетскиот перформанс во изведба на актерот Александар Малинков.
Под слоганот „75 години незаборав“ чествувањето продолжи на споменикот на 12-те ваташки младинци со положување букети цвеќе, по што следуваше настап на учениците од ОУ „Димката Ангелов-Габерот“ со поетски рецитал, историски час одржа кустос-историчарката Марија Михова, а химната на Ваташа ја отпеа Катерина Танева. Во програмата се вклучи и навивачката група Лозари – Исток, која симболично со 12 запалени факли го испиша написот „Крвопис е и Ваташа“.