Во јуни е вистинскиот момент кога Македонија треба да ја искористи шансата за почнување на преговорите со Европската Унија, со користење на сите расположливи средства. Периодот до конечната одлука на ЕУ е многу краток и Македонија има малку време за заокружување на реформите. Доколку не успее да ја зграпчи оваа шанса, постои можност почетокот на преговорите да биде презакажан за октомври, што нема да биде добро и за двете страни, дознава „Нова Македонија“ од дипломатски извори.
Иако на ЕУ ѝ претстојат избори, а над вратот ѝ виси брегзит, сепак, одложувањето на преговоритe со Македонија ќе влијае негативно и на рејтингот на ЕУ. Според нашите извори, вчерашната вест за одложување на брегзит ќе ѝ остави повеќе простор и време на ЕУ за Македонија и оваа шанса треба паметно да се искористи.
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ треба да ги отворат преговорите со Унијата на 18 јуни, а претседателот на ЕУ треба да ја соопшти одлуката на 20 јуни.
Нашите извори велат дека Македонија многу добро котира меѓу земјите-членки во Унијата, и направен е голем напредок во однос на претходните извештаи. Како најзначајни реформи што Македонија треба да ги направи се донесувањето на Законот за Агенцијата за национална безбедност, Законот за јавното обвинителство и работата на Антикорупциската комисија.
Носењето на овие закони ќе биде значајно во билатералната процена на земјите-членки, особено на Франција и на Холандија, за кои Законот за јавното обвинителство е пресуден за да ја поддржат нашата земја.
– Македонија направи многу отстапки за добрососедските односи, имаме парламентарна демократија што не е случај со земјите во регионот. Законот за СЈО не е пресуден за преговорите со ЕУ, но е многу значаен за извештајот за корупција во судството. И работата на Антикорупциската комисија треба да даде позитивни сигнали и аргументи дека одлично функционира. Ако во јуни имаме добри препораки во извештајот, тогаш топката ќе биде префрлена кај земјите-членки – вели нашиот извор. С.Н.М