Борбата против корупцијата е процес за којшто ни треба единство, ни треба соработка и придонес од секого. Затоа, уште повеќе ќе ја зајакнеме координацијата меѓу надлежните институции, министерствата, независните институции како што се Државната комисија за спречување корупција и судовите, невладиниот и приватниот сектор за фокусирани стандарди и ефективни механизми за следење и за спречување на сите форми на корупција. Сега сме дел од НАТО и најблиску до ЕУ, свесни сме дека нашата волја и храброст е законот да важи за секој, да нема привилегирани и недопирливи, да нема неказнивост, истакна заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупција, човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски на денешната конференција, која по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, во организација на неговиот Кабинет се одржа во Скопје.
„Свесни сме дека корупцијата е сериозна закана за владеењето на правото, демократијата и економскиот развој. Освен закана тоа ни е и најголем мотив да не бегаме од таа тешка реалност, да не одлагаме повеќе, да не калкулираме туку одлучно да се спротивставиме и да одработиме за доброто на сите“, рече Николовски, во рамки на двочасовната конференција под мотото „Твое право, твоја должност! Кажи не за корупција!“.
На конференцијата се обратија и учествуваа и претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мери Брнз, заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Џулијан Васало, раководителката на програмската канцеларија на Советот на Европа, Лејла Дервишагиќ, раководителот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ), Бил Вуд, како и директорката на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) Десислава Готскова, како и одделни претставници на антикорупциски институции и независни тела.