Македонија е единствената земја во регионот која нема стратегија за аудиовизуелниот сектор и медиумската сфера. Медиумските експерти сметаат дека ваков документ може да помогне во детектирање на предизците и поттикнување на позитивни трендови во медиумската сфера.
За прашањето дали на Македонија и треба стратегија за медиуми денеска се дебатираше на конференцијата „Стратегија за развој на медиумската сфера-Потреба, предизвици, чинители“ во организација на Македонскиот институт за медиуми во рамки на проектот со Мировниот институт од Љубљана за Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера.
Весна Никодиновска од МИМ посочи дека иако се чуствуваат промени во работат на медиумите, сепак главните проблеми се уште остануваат.
Фокусот на реформите што ги предлага Владата е на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на јавниот радиодифузен сервис. Ова, според Никодиновска, е парцијално решавање на проблемите, кои се многу пошироки. Ги опфаќаат социо-економскиот статус на новинарите, сиромашен медиумски плурализам, се уште присутните спреги меѓу политичарите и сопствениците на медиумите, почетните чекори во медиумската писменост што е мошне битен сегмент.
– Една од главните болки на македонската медиумска сцена е дисторзираниот медиумски пазар, како на национално, така и на регионално и на локално ниво, што ги става во мошне тешка и неповолна положба локалните и регионалните телевизии – вели таа.
Тезата дека пазарот треба да го среди хаосот во медиумите, но се покажа дека овој пристап не функционира.
На конференцијата стана збор и за субвенционирање на медиумите од страна на државата и на каков начин може тоа да биде направено. Вакви искуства има речиси во сите земји во Европа, но пристапот е различен.
Според Бранкица Петковиќ од Мировниот институт во Љубљана и во земјите од регионот се користи механизмот за субвенционирање на медиумите, но според одредени истражувања тоа се користи за корумпирање на медиумите и спреги со политичарите и политичките партии.