Најголем дел од 450-те граѓани од Авганистан се очекува да пристигнат во Македонија со организирани летови до крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул информира портпаролот на Владата, Муамет Хоџа на денешната прес-конференција.
Станува збор мирољубиво население, вработени, жени и деца од семејства на оние кои работеле за хуманитарните и мировните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години биле поддршка за НАТО-сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на Армијата на Македонија, како што нагласи Хоџа.
– Македонија беше меѓу првите, ако не и прва земја, која сама пристапи на САД и понуди помопш за овие луѓе кои се под опасност по доаѓањето на талибанскиот режим во Авганистан – истакна Хоџа, додавајќи дека не постои ризик од мигрантска криза.
Тој напомена дека оваа хуманитарна акција не треба да се поврзува со прифатниот центар за странци или мигрантските кампови на северната и јужната граница.
Трошоците за сместувањето на бегалците во хотели и мотели низ Македонија во целост ќе бидат покриени од меѓународните организации и од САД, се до нивното заминување во трети земји.
Хелсиншки за Авганистан: Солидарност наместо ксенофобија
Хуманитарната криза во Авганистан и владината најава за привремено прифаќање на бегалци од оваа земја очекувано е проследена со интензивен говор на омраза и обиди да се шири ксенофобија меѓу граѓаните. Изминативе години, особено за време на бегалската криза во периодот 2015-2017, дезинформациските кампањи поврзани со бегалците и мигрантите беа постојано присутни во јавниот дискурс. Иако реалноста целосно ги демантираше лажните вести за населување на стотици илјади мигранти и градење бегалски кампови, омразата продолжи да се одржува во континуитет и деновиве повторно доживува подем, стои во писмениот допис од Хелсиншкиот комитет.
Со оглед на досегашните искуства во земјава со реториката во предизборни периоди, Хелсиншкиот комитет стравува од можното искористување на авганистанската криза во пресрет на локалните избори. Токму затоа, упатуваме апел до медиумите, а особено до политичарите, да не поттикнуваат ксенофобични чувства кај граѓаните заради постигнување одредени политички цели. Ваквото искористување на судбината на луѓе, кои бегаат за да го спасат својот живот поради тоа што се соочени со смртни закани во својата земја, се коси со меѓународните конвенции на кои сме се обврзале како држава (Конвенцијата за статусот на бегалците на Обединетите нации и Европската конвенција за човекови права), но и со основните морални начела за солидарност со оние кои се обесправени и чија егзистенција е директно загрозена.
Хелсиншкиот комитет за човекови права во наредниот период будно ќе ги следи случувањата на терен и ќе овозможи правна поддршка за 450-те хуманитарни работници, граѓански активисти, новинари, преведувачи и нивни семејства, кои ќе бидат прифатени во земјава и згрижени во неколку хотели. Комитетот исто така го следи и ксенофобичниот говор во јавноста и редовно ќе поднесува пријави за говор на омраза до надлежните институции, напоменуваат од оваа институција.
Советот на амбасадори ја цени одлуката на Владата привремено да вдоми одреден број лица од Авганистан
Следејќи ги најновите настани во Авганистан, здружението за меѓународна политика „Совет на Амбасадори“ жали што по дваесет години вложен труд, вложени финансии во здравство, образование, култура, социјална политика и економски развој од страна на меѓународната заедница, со повторното враќање на власт на Талибанците, животот во оваа земја се враќа повторно на почеток.
Советот го изразува исто така своето жалење што и покрај големите усилби што ги вложи во текот на овие поминати 20 години за изградба на економско , социјално, културно и образовано развиено авганистанско општесво, меѓународната заедница не успеа во нејзините намери и нејзината платформа не ги даде очекуваните резултати.
– Советот на Амбасадори ги цени напорите што ги прави Министерството за надворешни и нејзиниот министер за враќањето во земјата на нашите граѓани кои по разни основи се наоѓаат во Авганистан. Исто така ја цени одлуката на Владата привремено да вдоми во Република Северна Македонија одреден број лица вработени во меѓународни организации, потоа на жени и деца од Авганистан на кои животот може да им биде загрозен од талибанските власти – напишано е во соопштението.
Во него се додава дека граѓаните на земјата многу пати досега ги изразиле нивните чувства за солидарност и помош на сите народи во светот кои од разни причини имале и имаат потреба за помош.
Тоа исто така претставува исполнување на обврска што Владата ја има кон НАТО, САД и ЕУ како наши досегашни силни поддржувачи на нашите евроатлантски аспирации и интеграции како и кон меѓународната заедница во целина, потсетува Советот на амбасадори.