Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на неодамнешната посета на Брисел, наместо да се ракува со своите домаќини, во случајот со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, од пристојна далечина само се потапка по градите, а истото го стори и Столтенберг. Уште поинвентивно „ракување“ направија министрите на ОПЕК, кои на неодамнешниот состанок меѓусебното поздравување го направија преку допирање со стапалата на нозете. Какви се состојбите кај нас и што мислат психолозите за овие нови трендови

КОРОНАВИРУСОТ ГО ПРОМЕНИ
И ПОЛИТИЧКИОТ БОНТОН

Стравот од ширењето на коронавирусот низ светот ги мобилизира сите, така што и мерките за заштита што се препорачуваат предвидуваат избегнување секакви директни контакти меѓу луѓето, како ракување, бакнување или гушкање, особено не со лица што имаат некакви симптоми на настинка.

Ваквите препораки ги прифатија и политичарите, па, така, деновиве може да се забележи еден нов вид политички бонтон меѓу нив.
Голем број светски лидери, кои се среќаваат и разговараат деновиве на различни теми, понудија повеќе интересни начини на кои може да се поздрават блиските луѓе. Од тапкање по гради, допир со стапалата на нозете, мавтање со рацете од далечина, до намигнување.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на неодамнешната посета на Брисел, наместо да се ракува со своите домаќини, во случајот со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, од пристојна далечина само се потапка по своите гради, а истото го стори и Норвежанецот.
Уште поинвентивно „ракување“ направија министрите на ОПЕК, кои на неодамнешниот состанок меѓусебното поздравување го направија преку допирање со стапалата на нозете.

Психолозите и социолозите деновиве имаат многу повеќе работа, а најновото прашање на кое се обидуваат да дадат одговор е како да не се допираат луѓето при поздравување, а сето тоа да не изгледа непристојно.
– Има многу нелогичности во врска со ова прашање – пишува „Њујорк тајмс“, кој потсетува дека голем број луѓе избегнуваат контакт со оние што изгледаат „сомнително“.
Многумина замолија бакнувањето „да се стави надвор од употреба“.
Во Франција на граѓаните им се препорачува да се воздржат од ракување, гушкање и бакнување како начин на поздравување за да се забави ширењето на новиот коронавирус.

Со оглед на тоа што се зголемува бројот на инфицирани лица и во нашата држава, но и поради фактот што Македонија влегува во период на предизборна кампања, каде што групните масовни собири, ракувања и поздравување се претпоставува ќе се зголемат, интересно е да се види какви се состојбите кај нас и што мислат психолозите за овие нови трендови.

Некои од психолозите велат дека никој не треба да се најде навреден ако се одбие ракување со оглед на ситуацијата со вирусот, а со која се запознаени сите.
– Никој не треба да се најде навреден ако некој одбие ракување, бидејќи препораките се да се избегнуваат директните контакти. Тоа е добро за сите, за целото општество, за да се избегне епидемија од поголем карактер – велат психолозите со кои се консултираше весникот.
Според нив, постојат и други начини на кои може да се изразат срдечност и почит, а да не дојде до директен контакт меѓу луѓето.

– Може да се искористат само зборовите и насмевката за да се искаже срдечност кон некого и без ракување и гушкање. Добро е отворено да му се каже на соговорникот дека поради препораките за спречување на ширењето на коронавирусот нема да се ракувате, што во никој случај тој не би требало тоа да го сфати како навреда – сметаат психолозите.
За тоа, пак, дали и колку домашните политичари ќе ги следат примерите и трендовите на своите колеги од Европа и светот и ќе избегнуваат ракувањата, поздравувањата и гушкањата во следниот период и за време на предизборната кампања, останува да видиме.

Новиот начин на поздравување