Македонските архијереи не сметаат дека оваа изјава на Вартоломеј треба да биде обесхрабрување за МПЦ. Тие повеќе ја гледаат и како изјава дадена за задоволување на српската јавност. Велат дека Вселенската патријаршија до нив не испратила каков било документ што би значел дека таа се повлекува од процесот што го почна за решавање на статусот на МПЦ во православниот свет. Посочуваат дека во вторник во Скопје е закажана редовна седница на Синодот на МПЦ, на која најверојатно ќе стане збор и за последното интервју на патријархот Вартоломеј
Македонската православна црква-Охридска архиепископија не се откажува од иницијативата преку Вселенската патријаршија да дојде до признавање на својата автокефалност. Владиците на МПЦ изминативе неколку дена не сакаат да го коментираат последното интервју на патријархот Вартоломеј, дадено минатата недела за српска „Политика“, во кое тој вели дека црковната состојба во Македонија и во Украина не се споредува, како и дека границите на Српската православна црква нема да се менуваат без соработка.
Но, од друга страна, македонските архијереи не сметаат дека оваа изјава на Вартоломеј треба да биде обесхрабрување за МПЦ. Тие повеќе ја гледаат и како изјава дадена за задоволување на српската јавност. Велат дека Вселенската патријаршија до нив не испратила каков било документ што би значел дека таа се повлекува од процесот што го почна за решавање на статусот на МПЦ во православниот свет.
Посочуваат дека во вторник во Скопје е закажана редовна седница на Синодот на МПЦ, на која најверојатно ќе стане збор и за последното интервју на патријархот Вартоломеј.
Сепак, МПЦ останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.
Владиката Агатангел, надлежен за повардарската епархија при МПЦ, вчера изјави дека ваквото интервју на патријархот Вартоломеј дадено за српски медиум не ги обесхрабрува во барањето МПЦ да добие томос за автокефалност.
– Синодот на МПЦ достави барање до Вселенската патријаршија во кое е наведено сето она што ние го имаме како црква и со што го заслужуваме томосот. По таквото барање, очекуваме и позитивно да постапи. Во вторник неделава е закажана синодска седница, на која веројатно ќе поразговараме и за ова интервју на патријархот Вартоломеј. Тогаш можеби и ќе заземеме единствен став по ова прашање – изјави владиката Агатангел.
Владиката Тимотеј, портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, пак, нагласува дека не би сакал да коментира дневнополитички случувања, како и интервју дадено за српски медиум.
– Нашиот народ е единствен и не им припаѓа на друга црква и држава. Нашата црква не може да се споредува со таа во Украина – кратко изјави г. Тимотеј.
Во интервјуто дадено за српска „Политика“, вселенскиот патријарх не даде конкретни детали дали и како ќе постапи по случајот со МПЦ. Посочи на разликата меѓу црковните спорови во Украина со оние во Македонија и Црна Гора.
Истакна дека Вселенската патријаршија нема намера да го менува Уставот на Српската православна црква, ниту нејзините граници, доколку тоа не е проследено со спогодба или со соработка.
– Вселенската патријаршија никогаш не ги пречекорила границите на другите цркви, освен ако за тоа не постојат соодветни услови и поголема црковна потреба. Некои го идентификуваат случајот со Украина со тој во Скопје и во Црна Гора и многу вешто го прават тоа, зашто сакаат СПЦ да ја свртат против Вселенската патријаршија. Колку што ни е познато, многу владици од СПЦ се воздржани во поглед на Украина, од страв дека она што се случи таму може да се повтори во Црна Гора и Охрид. Но ве уверувам дека состојбите не се такви. Српската православна црква има конкретни географски граници – посочи патријархот во интервјуто за српска „Политика“.
Смирување на револтот во православието
Верските аналитичари, пак, сметаат дека ваквите изјави на вселенскиот патријарх значат забавување на темпото за решавање на канонскиот статус на МПЦ, откако Вселенската патријаршија се соочи со отпор од православните цркви по признавањето на Украинската православна црква. Велат дека веројатно му е важно да не се внесува нов раздор меѓу православните цркви, особено зашто Руската црква остро реагираше на одлуката на Вселенската патријаршија, кога на 6 јануари оваа година реши да ѝ го предаде томосот за автокефалност на Украинската православна црква.