Подготовката на дигиталните учебници продолжува и покрај повлекувањето на предлог-законот од собраниска процедура. Реформите ќе почнат од септември според утврдениот план во прво и четврто одделение, истакна министерката образование и наука Мила Царовска на гостувањето во „Утрински брифинг“.
– Ние ќе продолжиме со имплементација на реформите. Светот се менува толку брзо што учебниците брзо застаруваат. Затоа не е прашање дали ние сакаме или не дигитални учебници, туку дека мораме да ги воведеме затоа што тие ќе понудат поинаков пристап во учењето – објасни министерката.
Царовска посочи дека Владата и министерството не отстапуваат од новиот закон за учебници, кој уште еднаш ќе биде ставен на дебата и покрај тоа што беше слушната експертската јавност.