За пациентите со малигни заболувања, инфламаторни и автоимуни болести, од минатата година, обезбедена е современа биолошка терапија, која придонесува за зголемување на успешноста во лекувањето и значително подобрување на квалитетот на живот.
За таа цел, како што информираат од Министерството за здравство, со централизирана набавка обезбедени се 30 нови видови биолошки лекови за третман на рак на дојка, рак на бели дробови, метастазиран меланом, хематолошки болести, лимфоми, мултиплекс склероза, ревматоиден артритис, васкулитис и други заболувања, со кои се опфаќаат голем број пациенти.
Иновативната биолошка терапија е достапна за сите пациентите во нашата држава на кои им е неопходна. Овие лекови делуваат така што поттикнуваат малигното заболување да се трансформира во хронично, со кое пациентите ќе може да живеат како со секое друго хронично заболување. На тој начин терапијата го продолжува, но истовремено и го подобрува и квалитетот на животот.
Оваа биолошка или таканаречена иновативна терапија е дел од стандардните протоколи во европските земји, а се користи во раните фази на болеста, но и кога станува збор за понапредна фаза. Сега постојат многу прецизни дијагностички анализи, како геномското профилирање на туморите, со кои прецизно се одредува дали одреден пациентот ќе има полза од одредена таргетирана и биолошка терапија, за да може полесно да се насочи и модифицира третманот.
Отсега, пациентките имаат можност за двојно читање на мамографските слики од двајца независни читачи-радиолози. Тие треба да имаат искуство од читање на мамографии од минимум 800 пациенти.
Во Клиничката болница во Битола се формираше Центар за дојка. Во оваа установа пациентките можат на едно место да направат мамографија, ехо преглед и магнетна резонанца.
Исто така, за првпат се обезбеди и психолошка поддршка на онколошките пациенти. Оваа поддршка е значајна и најважна за успешно лекување на болестите.