Фото: Нова Македонија

Во врска со се позачестената појава на набавка и мерења на квалитетот на воздухот со мали и евтини сензори, кои сè уште се далеку и од референтните и од индикативните станици, Министерство за животна средина и просторно планирање испрати објаснување зошто истите не можат да бидат основа за мониторинг и оцена на квалитетот на амбиентниот воздух.

– За разлика од мерењата кои се вршат со Државиот мониторинг систем за квалитет на воздухот (ДАМСКАВ), се почесто во државава се шпекулира со податоци добиени од мерења со уреди кои популарно се наречени сензори (Low Cost Sensors), кои не може да се земат предвид заради нивната голема мерна несигурност дури ниту за индикативни мерења (примерот со Ѓорче Петров и Прилеп). Индикативни мерења се сметаат оние чиј критериум за квалитет на податоци е понизок од критериумот кој се однесува на фиксните мерења, a конкретно за PM10 и PM2.5 се оние кои имаат до 50 % мерна неодреденост во споредба со референтната метода. Но доста ретки се сензорите кои можат да имаат мерна неодреденост и до 75 %, а многу од нив не ни даваат информација за истото прашање, ниту пак како е таа пресметана, што е најзначајно во целиот процес на мерење.

Мерењата со мобилните сензори покажуваат поприлично нереални резултати заради тоа што сензорите имаат висока вредност на граница на детекција и не може со сигурност да се земат предвид измерените податоци. Резолуцијата при мерењето е различна и резултатите може да покажат разлика и до 1000 пати. Друга причина за несигурноста на резултатите добиени од ваквите сензори е што истите имаат висока осетливост на промени на температурата и влажноста и кај нив се забележува взаемна реакција на слични типови на молекули. Тоа значи дека постои голема веројатност да не можат да се разграничат различните загадувачки супстанции. Конверзиите од бројачите на честички во маса на PM се базирани на теоретски модел и мерениот сигнал зависи од многу фактори, како што е самиот облик на микро честичката, бојата и густината, влажноста, индексот на рефлексија и т.н.“, соопшти Министерството.

Истовремено се појавуваат и системи од сензори, или таканаречени Smart Systems, кои пак претставуваат мрежа од сензори поставени на различни локации, но најчесто во близина на некоја референтна мониторинг станица со мерни инструменти кои работат според референтни методи. Сензорите постојано комуницираат меѓусебе, но и со референтната станица, за да понатаму даваат резултати врз кои се врши корекција со помош на математички алгоритми, односно податоците од вистинските мерења од сензорите не се достапни и се затворени во т.н. Black Box. Повеќе информации за мерните методи и мерните инструменти кои се дел од ДАМСКАВ може да се најдат на следниот линк: 
http://air.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2019/11/IstorijatDAMSKAV.pdf.

– Заклучокот е дека доколку квалитетот и точноста на податокот е од примарна цел податоците од овие мобилни сензори не би требало да се земат во предвид. Со тоа добиваме огромен збир од несоодветни податоци од извршени мерења со кои не можат да се изработуваат ниту плански документи, ниту пак истите можат да се репортираат како валидни податоци. Овие сензори може да бидат употребувани единствено за научни истражувања, но и тука треба да се внимава при анализа и користење на резултатите.

МЖСПП има воспоставено и систем на моделирање и изготвува три-дневна прогноза на квалитетот на воздухот со користење на податоци обработени со регионален модел SILAM развиен од страна на Финскиот метеоролошки институт (FMI). Моделот обезбедува 72 часовна прогноза на аерозагадувањето на национално ниво за загадувачки супстанции PM2.5, PM10, SO2, NO2, CO и O3 кои се презентираат на веб порталот за Квалитет на воздух во РСМ. Презентацијата на резултатите кои ги генерира моделот во прогностички режим беше воспоставена во соработка со стручните експерти од FMI во склоп на Твининг проект за квалитет на воздух. Значајно е да се нагласи дека обработката на податоците се врши во реално време на супер сервер во Финска за цела Европа, а на нашиот портал се прави визуелизација на резултатите кои се однесуваат на подрачјето на државата со висока резолуција 10×10 км. Притоа, треба исто така да се нагласи дека, моделирањето на квалитетот на воздухот носи голема несигурност. Особено кога станува збор за моделирање на концентрацијата на PM честичките, што се должи на различните природни и антропогени извори на PM честички, како и локални извори на PM кои неможат да се земат во предвид при моделирањето – се додава во соопштението.