Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ги повикува и ги поттикнува учениците што решиле да конкурираат на овој конкурс добро да се запознаат со целите и вредностите што ги промовира НАТО, со сите негативни импликации
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ – Република Македонија реагира на проектните конкурси од Министерството за одбрана и од „ГАУС институтот – фондација за нови технологии, иновации и трансфер на знаење“ со кои младите малолетни лица, како и нивните наставници, се поттикнуваат преку есеи и проекти да придонесат во одбележувањето на 70-годишниот јубилеј на НАТО.
– Загрижени сме по повод објавениот конкурс за творби за светското одбележување на 70-годишнината од формирањето на Северноатлантската алијанса (НАТО-пактот). Темите на конкурсот што „би ги доближиле претставите, поимот и значењето на НАТО“ сметаме дека се промоција на воени теми и идеи, а спорна е и возраста на децата, особено најмалите бидејќи конкурсот е наменет за деца на возраст од 4 до 17 години. Тоа е обид за манипулација и индоктринација на децата од основните и од средните училишта во Македонија – пишува во реакцијата на „Меѓаши“’.
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ги повикува и ги поттикнува учениците што решиле да конкурираат на овој конкурс добро да се запознаат со целите и вредностите што ги промовира НАТО, со сите негативни импликации, а особено да ги согледаат последиците и да се обидат да ги почувствуваат болката и тагата од војната и да ги пресликаат тие чувства во есеите со кои ќе аплицираат.
Во својата реакција од „Меѓаши“ се повикуваат на членовите од Уставот и Законот за заштита на децата и сметаат дека со вклучувањето на децата во политички цели се повредени членот 3 од Конвенција за правата на детето, како и членовите 42 и 118 од Уставот на државата, како и член 12, став 4 од Законот за заштита на децата.
Истовремено потсетуваат дека Собранието ја има усвоено Декларацијата за заштита на правата на детето од политичка манипулација и злоупотреба донесена во 1991 година.