На десеттата средба на билатералната мултидисциплинарна Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија не успеаја да постигнат договор за Гоце Делчев, но беше постигнат договор за учебниците. Сепак, велат од комисијата, има уште многу работа за да се дојде до конечен суштински договор помеѓу двете страни.
Усвоени за препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 7 одделение.
Копретседателите на комисијата, Драги Ѓоргиев од македонска страна, и Ангел Димитров од бугарска страна, на прес-конференција по дводневната средба изјавија дека не е постигнат договор за Гоце Делчев. Димитров изјави дека политичарите водат преговори, а сега била водена научна дискусија за историјата. На средбата воопшто не станало збор за македонскиот јазик и тоа, според Димитров, е тема за која треба да разговараат лингвистите.
– Молам за трпение и поголема емпатија и кон нас и кон колегите од Бугарија, за да можат прашањата да бидат дискутирани со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин можат да се надминат работите – порача Ѓоргиев.
Како што најави Димитров, комисијата треба да одржи уште една средба до крајот на 2020 година, и уште пет наредната година, бидејќи има уште многу елементи за кои треба да стане збор. Направен бил и чекор напред во врска со празнувањето на 24 мај, празник што Бугарија го нарече бугарски.
Досега, за период од две години, Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – свети Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самуил.