Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во своето обраќање на прес-конференцијата по повод презентирањето на планот за проверки во правосудството, кажа дека со овој процес кој започнува во јануари ќе биде клучен за враќањето на довербата на граѓаните во правната држава.
– Овој процес како на Влада и на министерство ни е од исклучително значење и веруваме дека истиот ќе придонесе кон враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем, која во моментот е на загрижувачко ниско ниво. Ние не сакаме на кој било начин да правиме притисок врз судството и обвинителството, но должни сме да се грижиме и будно да го следиме процесот со кој ќе добиеме реформиран, транспарентен, ефикасен и од какви било притисоци ослободен правосуден систем. Тоа им го должиме на граѓаните – кажа Маричиќ.
Министерот за правда го нотираше делот од извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во делот на правосудството, во кој се забележува дека како резултат на реформите, воспоставени се механизми кои обезбедуваат независност и отчетност на правосудството.