Атанас Шопов е истакнат бугарски интелектуалец, дипломат, преведувач и публицист. Во периодот помеѓу 1887-1891 година посетува многу места во Тракија и Македонија, од неговите патувања произлегуваат неколку печатени дела, а меѓу нив се „Народноста и јазикот на Македонците“ (1888), „Од животот и положбата на Бугарите во вилаетите“ (1893), „Од новата историја на Бугарите во Турција (1895)“ и др. Шопов во текот на својата политичко-општествена кариера ја застапуваше бугарската тезата дека Македонците и македонскиот јазик имаат бугарски корени и затоа во неговите книги за македонските особености се говори како за бугарски. И покрај неговите ставови и пишувања, Шопов ни пренесува многу значајни нешата за Македонците кон крајот на 19 век.
Во делото „Од новата историја на Бугарите во Турција“, Шопов истакнува дека Коста Групче проповедал дека „Словените во Македонија се Срби и Бугари толку, колку што се и Руси, Чеси или Полјаци, тие се Македонци, совршено одделна словенска народност.“ Шопов исто така вели дека Групчев проповедал меѓу Македонците дека се одделен народ, потомци на Александар Македонски со славно минато и голема историја.
Во своите книги Шопов се обидува да ја претстави Македонија како бугарска земја, а Македонците како Бугари, меѓутоа состојбата на теренот била многу различна.
Особено богата со информации за Македонците е неговото дело „Од животот и положбата на Бугарите во вилаетите“ објавено во 1893 година. Во спомената книга можеме да прочитаме дека при посетата на едно село, Шопов ги запрашал селаните дали имаат свештеник и учител и од која народност се. На што му било одговорено дека имаат и дека се Грци. Шопов се сретнал со двајцата и заклучил дека се Бугари, но од градот. Шопов се распрашал и му било објаснето дека селаните под името Грк подразбираат граѓанин. Според Шопов оваа ситуација можела и во негово време да се сретне меѓу селското население во Бугарија. Атанас Шопов вели дека оваа идентификација се должена тоа што во минатото Бугарите немале градски живот и главно се занимавале со земјоделие и сточарство. Спород Шопов: „Бугарин означувало селанин. И денес уште во Битолско со под зборот булгара се подразбира селанин, без разлика дали е Турчин, Влав или Грк.“
При посетата на Сер, Атанас Шопов имал разговор со една бабичка која се идентификувала како Гркинка. Шопов ја запрашал дали знае грчки јазик и од кое село е? Бабата му одговорила: Еј тука од Порој. Малечка сум дошла во градот, но не можев да научам грчки, зошто сите луѓе говорат по „нашему.“
Шопов во разговор со едно младо селско момче го запрашал од која народност. Момчето одговорило дека е Грк. На што Шопов му возвратил дали знае грчки јазик. Момчето одговорило дека не знае. Е па каков Грк си тогаш, му возвратил Шопов. Момчето одговорило – е таков, грцкото деспотист ни влада. Шопов возвратил: Значи ти си ортодоксен христијанин, а не Грк, и јас сум ортодоксен, а не сум Грк. Шопов објаснува дека: „Тој ја поврзувал народноста со верата“. Шопов посочува сличен пример од Ениџе Вардарско каде имало неколку унијатски семејства. Селанинот сакал да му каже дена тој не е унијат, туку православен, меѓутоа за тоа го употребил зборот Грк, а според Шопов за простите луѓе тоа значело ортодоксен.
Атанас Шопов при својата обиколка на Македонија забележал дека Македонците се идентификуваат според верата, односно според црквата во која ги извршувале своите верски обреди. Затоа предложил да се зголеми бројот на егзархиските (бугарските) цркви, или во крајна мера да се изградат егзархиски цркви во сите поголеми населени места. Најпрво Македонците да се оттргнат од грчката црква, а потоа преку егзархиските цркви и училишта да се всади бугарскиот национален дух кај младите Македонци.
Во околината на веригата од планини – Ниче, Караташ, Дурла, Берска и Негошка, во близината на Ениџе- Вардар, Шопов имал разговор со еден Македонец. Шопов од сопатникот сакал да ги дознае месните именувања на населението во тој дел на Македонија, и му поставил неколку прашања. Сопатникот му објаснил дека како полјаци се именувале сите Македонци кои живееле во Солунското поле, како пуливаквоци биле именувани Воденците и околните жители на Воден, затоа што го употребувале зборот пули вака, такаваковци биле Македонците од Острово, затоа што во говорот ги употребувале зборовите така – вака. Како торлаци биле именувани мариовци, а кековци – населението од Костурско затоа што многу ги употребувале зборовите кеко пари (колку пари). Со други зборови, македонското население не се именувало како Бугари.
Во селото Загоричани имало една црква и две училишни зданија, машко и женско. Училиштата биле поделени помеѓу патријаршистите и егзархистите. Кога Загоричани било посетено од Атанас Шопов, егзархиските го држеле женското училиште. При неговата обиколка на ова училиште, Шопов забележал дека учителот повеќе ги учел децата на пресметување. Шопов го замолил учителот да ги испраша децата по предметот бугарски јазик, на што добил одговор дека во таа учебна година материјалите по бугарски јазик не ги поминале, а Шопов запрашал: Зошто? На што учителот не можел да даде никакво сериозно објаснување. Шопов потоа сакал да види до каде се со предавањата по предметот отечествознание. Меѓутоа, учителката му одговорила дека не го минале целиот материјал, затоа што била болна. За оваа состојб Шопов вели: „Убава работа, бугарско училиште, а во него не се предавани главните предмети, бугарски јазик и отечествознание.“
Шопов понатаму истакнува дека треба да постои одреден инспекторски надзор на учителите, бидејќи тие го предавале она што им се допаѓало. Шопов понатаму продолжува дека учителите давале предност на математичките и природните науки, а бугарскиот јазик и отечествознанието останувале во заден план, како не толку важни. Според Шопов, тоа било голема грешка, непознавање на важноста од тие предмети, болест кон реализмот, кој што најмалку има место во нашите училишта.
Според Шопов, предметите бугарски јазик и отечествознание имаат за цел запознавање на учениците со се што име е блиско, вредно и свето. Тие предмети требало да даваат дух и чувства на младите, а тоа било задача на училиштата. Со изучувањето на математичките и природните предмети се развивал само умот, а чувствата и духот останувале недопрени. Според Шопов тоа не било главна задача и „нашите училишта треба да го развиваат умот, но треба главно и пред се да ги разбудат чувствата и да го заздрават духот. Нашите училишта даваат младина со наука и знаења, но со заспани чувства и слаб дух.“
Од оваа случка која ја опишува Атанас Шопов може да се забележи дека учителите во споменатото егзархиско (бугарско) училиште, во својата настава првенство давале на предметот кој имал практична примена и можел да им помогне на учениците во секојдневниот живот. Но, тоа не било доволно за Шопов. Тој под заспаните чувства и слабиот дух подразбира бугарски, оттука предлага во училиштата акцентот да се стави врз предметите бугарски јазик и историја со цел развивање на бугарската национална свест кај македонските ученици.