Наесен, можеби септември или октомври, без прецизен термин за одлучување околу датумот за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија. Ова беа опциите што вчера се вртеа во европските кругови пред одржувањето на министерскиот состанок во Луксембург како можни временски дистанци кога земјава би добила конечно датум за преговори. Иако пред почетокот на состанокот на министрите на ЕУ, кој започна вчера напладне и не беше завршен до затворањето на весникот, речиси целиот македонски државен врв очекуваше датум во скоро време, сепак информациите што пристигнуваа од бриселските медиумски куќи веќе навестуваа можно одложување на одлуката без прецизен одговор кога и зошто. Претходно бриселските медиуми сепак ги објавија последните нацрт-заклучоци што беа усогласени во понеделникот вечер на ниво на амбасадори на земјите-членки на ЕУ и во кои беше наведено ветување дека Советот ќе се наврати на прашањето во октомври годинава, што е дури и полошо од претходната верзија, каде што стоеше дека за прашањето ќе се расправа „во септември“.
– Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати на темата за да постигне суштинска одлука што е можно побргу и не подоцна од октомври 2019 – стои во последните нацрт-заклучоци.
Овие заклучоци инаку се во корелација со најавата од Берлин дека германскиот Бундестаг за датумот за преговори ќе гласа во октомври, а и германскиот министер за Европа, Михаел Рот, го потврди тоа вчера во изјава за бриселските медиуми, велејќи дека на германскиот парламент му е потребно дополнително време да се изјасни за Македонија.
– Разбирам дека се работи за важни прашања за партнерските земји, но мораме да му дадеме време на Бундестагот. Се надевам на позитивен исход колку што е можно побрзо, до октомври – нагласи Рот.
Во исто време, дополнителен проблем пред почетокот на Советот на ЕУ, како што објавија западните агенции, било и однесувањето на Кипар, кој се закани дека ќе го блокира целиот текст што се однесува на идната перспектива за сите земји што сакаат да се приклучат во Унијата, доколку не се реши проблемот со Турција. Истовремено порталот „Балкан инсајд“ наведува дека во ЕУ постои несогласување во врска со евентуалното одвојување на преговорите за Македонија и Албанија. Некои од земјите порачуваат дека Македонија сама би требала да добие датум, а Албанија да почека, но други земји, на чело со Италија, инсистираат дека двете земји мора да го почнат процесот во пакет. Тоа, со оглед на отпорот на Холандија кон Албанија, уште повеќе ја комплицира ситуацијата и нашата земја ја оддалечува од европската перспектива. Сепак, некои од медиумите предвидуваа и неизвесен исход од вчерашниот состанок на шефовите на дипломатии на земјите-членки на ЕУ во однос на датумот за преговори за С. Македонија и Албанија
„Зелено светло за Северна Македонија, црвено за Албанија?“, под овој наслов порталот „Еурактив“ на германски јазик објави широка анализа во пресрет на вчерашната одлука на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. Порталот проценува дека деновиве секако нема да биде донесена конечна одлука за отворање на преговорите со двете земји, затоа што се чека гласањето на Бундестагот во Германија. Но европски дипломати велат дека постои консензус да се даде зелено светло за Северна Македонија, додека Албанија се бори за согласност од 28-те земји.
– Еден дипломат вели дека особено Италија инсистира на тоа двете земји да ги почнат заедно преговорите со ЕУ. Но одвојувањето на двете земји се чини сѐ поверојатно, затоа што евроскептиците, во прв ред Германија и Холандија, се чини дека се подготвени да одобрат почеток на преговорите со С. Македонија – пишува „Еурактив“.
Во меѓувреме, како што наведува „Ројтерс“ во своја анализа на истава тема, познавачите на состојбата сметаат дека одложувањето на преговорите го загрозува кредибилитетот на ЕУ на Западен Балкан, како и дека би можел да предизвика нестабилност во регионот. Инаку, одлуката што требаше да ја донесат министрите на ЕУ вчера, ќе треба да биде потврдена од страна на шефовите на држави и влади на ЕУ на Европскиот совет на 20 и 21 јуни во Брисел. За потсетување, Европската комисија минатиот месец даде препорака за почнување на преговорите, бидејќи Македонија ги исполни сите барани услови. По почнувањето на преговорите за членство, процесот за пристапување кон ЕУ би можел да трае неколку години, а членството не е загарантирано.
Димитров: Постои многу очигледен напредок
Оваа година има задолжителни причини за да се почнат пристапни преговори со Северна Македонија. Европската комисија, невладини организации, „Фридом хаус“ и „Економист“ ни потврдуваат дека напредуваме со реформите. Постои многу очигледен напредок во правец кон европската демократија во земјата. Ова го истакна во колумна за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, веднаш пред почетокот на советот на министри на ЕУ. Според Димитров, давањето датум за Македонија не значи и членство во ЕУ.
– Ние добро разбираме дека денеска или утре нема да станеме членки на ЕУ. Хрватска преговараше повеќе од седум години пред да се придружи. Но самиот почеток на преговорите го гледаме како најдобар патоказ за постигнување на нашата цел, да станеме стабилна европска демократија. Почетокот на разговорите ќе ја најави следната фаза од нашата домашна трансформација – вели во колумната шефот на македонската дипломатија Димитров.