Вкупно 15 градови низ државата во моментов се слави по повод добивањето покана за пристапни преговори за членство на Македонија во НАТО. Музичкиот хепенинг под мотото „Одиме напред, Македонија во ЕУ и НАТО“ го организира Владата, а ќе настапат 40 македонски музички ѕвезди.
Централното одбележување се одржува во Градскиот парк во Скопје, кај Школка. Бината беше поставена уште на пладне, се правеа неколку тонски проби, за сега да настапат Кирил Џајковски, Архангел и Quepurdat.
Премерот Зоран Заев присуствува на прославата во Битола каде ќе даде и изјава за медиумите. Прославата ќе трае се додека има интерес кај граѓаните.
Освен во Скопје, се слави и во Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Охрид, Куманово, Кочани, Кичево, Прилеп, Струга, Струмица, Тетово и Штип. Изборот на градовите е направен согласно рамномерната географска застапеност, велат од Владата.
Вечерва граѓаните низ Македонија ги забавуваат и Дејан Декс, Дуке Бојаџиев, Горан Кан, Ферус Мустафов, Слаткар, Бени Нон Стоп + Златко Ориѓански, Ерик Фокс, Феки Ферис, Ареа, Кристина Арнаудова, Нокаут, Адријан Гаџа, Владо Јаневски, Лепи Џони, Баклава, Фолтин, Лозано, Дани Димитровска, Елена Ристовска, ДНК….
– Македонија доби покана да стане членка на НАТО и има датум за преговори со Европската Унија. Се изборивме за сигурна иднина. Доаѓа време на надеж, на победи, на гордост. Време на сигурност и безбедност, се вели во објавената програма на веб-страната на Владата на Република Македонија.
За организацијата на целиот настан ќе бидат обезбедени средства од буџетот на Владата на Република Македонија, а сумата, како што информираат оттаму, ќе биде објавена веднаш штом се завршат сите пресметки.
Градоначалниците низ Македонија денеска ги повикаа своите граѓани да се приклучат на прославите.