РЕФОРМА ВО НАЈАВА ЗА СЛЕДНИТЕ РЕДОВНИ ИЗБОРИ
Со реформа на изборниот модел и со воведување на моделот со кој Македонија би била една изборна единица со отворени листи, ќе се демократизираат партиите однатре и, што е најважно, ќе се зголемат конкурентноста, иновативноста, стручноста и приливот на напредни идеи што носат прогрес. Истовремено, избраните функционери ќе имаат поблиски релации со гласачите, односно базата, и ќе им одговараат ним, а не на партиските врхушки, тврдат експертите
Реформата на изборниот модел е една од актуелните дебати, кои во моментов се водат во домашната јавност, откога претседателот на државата Стево Пендаровски даде поддршка за ваквата иницијатива што ја поведоа неколку помали политички партии. Таа реформа, пред сѐ, би се однесувала на наредните редовни парламентарни избори.
Станува збор за воведување на моделот со кој Македонија би била една изборна единица со отворени листи. Сепак, оваа тема не е нова, што значи дека за неа е многупати полемизирано во медиумите и во политичките кулoари.
Македонија има искуство со сите изборни системи, и со мнозински и со пропорционален и со комбиниран систем, но ниту еден од нив не ја промени биполарната слика во парламентот, при што најголем дел до колачот одеше за големите партии додека помалите политички субјекти беа занемарувани.
Она што го спомена сега претседателот Пендаровски е преференцијалното гласање, т.е. пропорционалниот изборен систем со отворени листи, кој им дава можност на граѓаните, освен гласот што го даваат за политичкиот субјект, да гласаат и за поединечните кандидати од листата на тој субјект. Бројот на мандатите што ги освојува политичкиот субјект зависи од бројот на гласовите, како и досега, додека, пак, пратеничко место ќе освојат оние кандидати од листата што ќе добијат најмногу индивидуални гласови (преференцијални гласови). Ова значи дека граѓаните ќе имаат можност да го изменат распоредот на кандидати на листата предложен од политичките партии. На тој начин ќе се демократизираат партиите однатре и, што е најважно, ќе се зголемат конкурентноста, иновативноста, стручноста и приливот на напредни идеи што носат прогрес. Истовремено, избраните функционери ќе имаат поблиски релации со гласачите, односно базата, и ќе им одговараат ним, а не на партиските врхушки.
Во меѓувреме, она што е интересно во моментов е зошто токму сега се заговараат овие реформи и дали во практика има доволно временски простор за тие да се реализираат до наредните редовни парламентарни избори во државата, кои треба да се одржа во 2020 година.
Политичкиот аналитичар Сотир Костов ја поздравува оваа иницијатива за демократизација на политичкиот систем, но додава дека тој лично во овој момент е против спроведувањето на овој процес бидејќи верува дека свеста на општеството сѐ уште е ниска за практикување на пропорционалниот изборен систем.
Костов, коментирајќи ги актуелните случувања, вели дека е нелогично зошто Пендаровски сега, кој практично според него не заседнал на „фотелјата“, брзински се зафатил со ваква реформа за која е потребен стратегиски и сериозен пристап.
Костов, кој инаку е автор на три книги од областа на практикување на изборите вели дека менувањето на изборниот систем е сериозна работа и доколку нашата земја сака да го спроведе сето тоа како што им прилега на современите демократии, самиот процес требало да започне веднаш по завршувањето на последните парламентарни избори, каде што во процес од 4 години ќе се извршат темелни анализи на проблематиката, стручната јавност ќе го каже своето мислење, а граѓаните ќе имаат време да се изјаснат за случувањата.
– На ваков начин, како што сега се случува со иницијативата на Пендаровски, се чини дека непотребно се брза со оваа деликатна проблематика – резимира Костов.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пак, смета дека доколку во државата се има волја може да се спроведе оваа круцијална реформа, за која честопати на земјата ѝ е посочувано од партнерите на меѓународната заедница. Арсовски вели дека изборните модели треба да овозможат ефикасност на изборите и правична застапеност на волјата на гласачите.
– Една изборна единица со отворени изборни листи, секако, претставува поголема демократичност на изборите и поголема застапеност на волјата на гласачите, но, од друга страна, ја комплицира ефикасноста во постизборното составување влада – истакнува тој.
Арсовски додава дека иницијативата на Пендаровски околу овој чин најверојатно е поради ставот на претседателот по ова прашање и таа зад себе не носи некоја затскриена политичка порака.
Еднакви изборни шанси за сите
Демократскиот сојуз (ДС) смета дека за демократизација на државата, зголемување на одговорноста на власта и демонтажа на 30-годишниот, како што велат, еднопартиски систем, се неопходни системски промени, меѓу кои и изборниот модел. Оттаму ја поддржуваат иницијативата на претседателот Пендаровски за отворање расправа за изборниот модел, но како што велат, засега големите партии не се расположени да создадат услови за еднакви изборни шанси за сите и губење на нивната монополска положба.
– Големите партии, чиј рејтинг секојдневно опаѓа, ја добија двапати својата заслужена лекција. Еднаш на референдумот од 30 септември 2018 г. и последно на претседателските избори. Тие водеа битка за цензус. Сѐ помал ќе биде бројот на избирачи што ќе бидат мотивирани да гласаат. Затоа горе наведените промени мораат да се спроведат. Најважно, само на тој начин нема да бидеме уценети со крајно неприфатливи предлози што се случуваат во пресрет на сите избори – тврдат од партијата Глас за Македонија на Солза Грчева.
И партијата Бошњачки демократски сојуз ја поздравува иницијативата на Пендаровски.
Од Бошњачкиот демократски сојуз велат дека воведувањето една изборна единица е одлично решение со напомена дека се прифатливи две опции за измени и дополнувања на Изборниот законик и предлагаат да се искористи косовскиот модел.
Регионални искуства
Опцијата на отворени изборни листи претставува можност за гласачите, покрај одлуката за една изборна листа, да имаат право да заокружат и одреден кандидат од таа листа. Постојат повеќе модели на преференцијално гласање, во зависност од тоа кои гласачите ќе можат да се одлучуваат за претпочитање од 2 до сите кандидати на листата. Во регионот ваков систем практикува Хрватска. Токму поради промената на изборниот модел, на политичката сцена силно влијание доби нов политички табор, партијата МОСТ, која успеа да го промени соодносот на силите и условно кажано дотогашниот бипартизам на поделба на власта меѓу крупните партии ХДЗ и СДП.
Хронологија на изборни модели
Во контекст на актуелните случувања, за забележување е фактот дека пропорционалниот изборен систем е застапен во 20 земји-членки на Европската Унија. Од друга страна, во Македонија досега за избори имало три модели, мнозинскиот, кој беше до 1998 г., во 1998 г. беше комбиниран – мнозински и пропорционален, а од 2002 г. досега е пропорционален систем. Сепак, во 2006 година пропорционалниот изборен модел е дополнет со директен избор и на тројца пратеници од дијаспората, кој потоа беше модифициран. Во сегашната состојба, македонскиот парламент има 120 пратеници (нема пратеници од дијаспората).