Илустрација / Фото: Архива

КАДЕ Е КОРЕНОТ НА СИТЕ НАШИ ПРОБЛЕМИ

И оние малку квалитетни кадри што ќе произлезат од нашиот образовен систем, не можејќи да дојдат до израз во држава во која единствена квалификација за работното место е партиската книшка или блиски роднински врски со некој функционер, излезот го бараат во странство

Ако сакаш да уништиш нација, почни од образовниот систем, вели една стара мудрост, која се чини дека се отсликува токму во нашето општество. Лоша политика, економија, судство, образование, медиуми, се само дел од сферите во кои неквалитетот води кон поразителни резултати, немање визија, план за развој и напредок на државата и општеството.

Генерации млади луѓе се упропастени со постојаните експерименти во образованието, кои подоцна не можат вистински да се остварат во животот, често заталкани на погрешни места, без да го дадат вистинскиот придонес и квалитет.

Дипломирани правници продаваат по зелените пазари, машински инженери работат во новинарството, филолози се занимаваат со молерај, а етнолози водат фризерски салони.
И оние малку квалитетни кадри што ќе произлезат од нашиот образовен систем, не можејќи да дојдат до израз во држава во која единствена квалификација за работното место е партиската книшка или блиски роднински врски со некој функционер, излезот го бараат во странство. Странските компании буквално ги грабаат нашите „мозоци“ и им нудат неограничени можности целосно да ги реализираат своите идеи и замисли и истовремено да придонесат за нивен развој, но и за пораст на економиите на земјите во кои заминале. Во меѓувреме Македонија тоне во безизлезност и бесперспективност, која во најголема мера се должи токму на лошите образовни мерки и политики со години.

– Образовниот систем е целосно руиниран. Со години постојано се менуваат програми, учебници пишува кој ќе стигне, а децата се обременети со голем број непотребни содржини. Ние буквално сме принудени да трчаме низ материјалот, без да имаме можност да работиме со децата и да откриваме какви афинитети има кај секое од нив – вели наставничка во едно основно училиште.

Според професорката Солза Грчева, образованието е во темелот на економијата, здравството, инфраструктурата, правосудството, политиката, човековите права…
– Уште од основното образование децата ги учиме на обични факти, рецитации, прераскажување. Ништо од интерактивност, ништо од решавање проблеми. Ништо со мислење. Важно мораат да ги знаат имињата на сите потоци што ја сечат нашата граница. Историјата е обична фактографија, а не поврзана и интересна приказна, која ќе им ја долови големата слика. И така редум по секој предмет. А бројот на предмети е приказна за себе. Се знае точно која треба да е основната насока во овој степен на образование: писменост во мајчиниот јазик, математика и странски јазик. Потоа доаѓа сè друго – вели Грчева.

Таа додава дека беше уништено средното стручно и занаетчиско образование, а училиштата се претворија во општи гимназии.
– Некој што треба да биде фризер и кој не е потребно да губи години за својот занает, на крајот од средното училиште излегува без никаква практика. Најчесто учениците се снаоѓаат така што им плаќаат добри пари на искусни фризери да им потпишат дека оствариле практика кај нив. Истото тоа е со сите занаети. Немаме квалификувани занаетчии. Ниту водоинсталатери, електричари, готвачи…ништо. Во земја со голема невработеност, со огромен притисок за работа во јавната администрација, ова е погубно. Средните училишта треба да ја имаат функцијата на селектор, кој бргу ќе ги открие талентите и склоностите на учениците и ќе ги насочи натаму во образованието – нагласува Грчева.

Таа се залага и за селекција на учениците, односно уште во средното образование да се знае кои ќе продолжат на факултет
– Средните училишта, особено гимназиите, мораат да вршат и строга селекција за тоа кои ученици можат да продолжат на таканаречените академски студии, а кои на пократки специјалистички студии. Овие вториве ги има во целиот развиен свет, воопшто не се наивни и практично економијата се темели на вакви високоспецијализирани кадри. Да речеме, за да бидете успешен програмер, не ви е потребно да станете магистер по информатички науки како што редовно се случува кај нас. На многу места овие специјализирани студии траат две-три години, но се најмодерни, високоспецијализирани и врзани со практична работа во стопанството. И одлично платени – нагласува Грчева, притоа додавајќи дека државата мора да го стимулира студирањето на кратките специјалистички студии.

Таа истакна дека таквите кратки циклуси помалку го чинат и буџетот на семејствата и државниот буџет, а за пократко време ќе бидат профилирани луѓе подготвени да влезат на пазарот на трудот.
– Вака како што сме тргнале, секој што запишал прво (или нулто одделение) без ниту една посериозна системска пречка, завршува најмалку како магистер. А магистер, па понатаму и доктор на науки, се веќе сериозни научни степени. И таму треба да одат само деца со афинитет за научноистражувачка работа. Се разбира дека некои студенти по завршувањето на специјалистичките, или уште наречени „професионални“, студии можат да развијат желба и склоност кон наука. И за тоа има решение. Завршуваат една дополнителна година со предмети што се носечки за академските студии – истакнува Грчева.

Фото: Дарко Андоновски

Според професорката Билјана Ванковска, во свет што го вртат парите, глобалната поп-култура или профитот одлучуваат кому каде му е местото и дали е вреден да живее или не.
– Во нормална држава, во која владеат критериуми, позитивната селекција е на дело: т.е. оние што се најспособни и најбрилијантни треба да добијат крила, да летаат над хоризонтот – бидејќи, вистина е дека образованието, она на највисокиот степен, е елитистичко! Елитистичко, ама според умот и способностите, а не според длабочината на џебот или ќесето – смета Ванковска.

Таа додава дека токму образованието, а не НАТО, треба да има приоритет во општеството.
– Образованието мора да биде инклузивно и да не прави разлика на децата по социјална или друга припадност! Сите мораат да добијат иста шанса, а високото образование не смее да биде поставено на комерцијални основи – истакна Ванковска.