Од Министерството за здравство информираат дека Владата на седница усвоила предлог за изменување на Уредбата за мрежата на здравствени установи.
– Со измените на Уредбата се овозможува проширување на мрежата на здравствени установи во делот на аптеките и руралните аптеки, како и во делот на специјалистите на секундарно ниво на здравствена заштита – стои во соопштението на ресорното министерство.
Во него се појаснува дека всушност се трга ограничувањето на отворање аптеки и специјалистички ординации кои можат да склучат договор со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), согласно финансиските можности за фондот.
– Аптеките кои немаа договор со ФЗО, отсега ќе имаат можност да склучат договор. Со овие измени се надминува проблемот со недостиг на лекови, односно лековите на рецепт ќе бидат подостапни за пациентите – тврдат од министерството.
Воедно, додаваат од таму, специјалистите ќе имаат можност да отворат специјалистичка ординација во место кое самите ќе го изберат или, пак, како нов тим во веќе постоечка ординација, со договор на ФЗО.
– Преку отворање на специјалистички ординации, младите лекари ќе ги мотивираме да останат и да работат во нашата држава, а пациентите ќе имаат поголема можност да бираат во која специјалистичка ординација сакаат да одат – се наведува во соопштението.
Уредбата ќе стапи на сила ден по нејзиното објавување во „Службен весник“.