Пред осум години, на 25 август 2011 година, во Белград почина Лазар Мојсов, македонски и југословенски политичар и дипломат, кој во една од своите последни изјави, дадена на македонските новинари што известуваа од скопската промоција на неговата книга „Советските и американските лидери во соработка и конфронтација“, меѓу другото рече: „Се обидов да воспоставам контакти со Македонија. Ми порачаа дека не сум потребен и дека нема зошто да одржуваат контакт со мене. Тоа ми го кажаа пренесувачи на вести од врвот на Македонија!“
Блаже Миневски
На промоцијата на својата книга „Советските и американските лидери во соработка и конфронтација“ одржана во МАНУ во 2006 година, Лазар Мојсов беше претпоследен пат во Македонија. Тој само уште еднаш дошол во Македонија, кога присуствувал на закопот на неговиот брат во Неготино, но тогаш ниту го спомнал Скопје ниту пак дошол во него туку веднаш се вратил во Белград. Според многумина, главниот судир бил со Киро Глигоров, односно двајцата не биле во добри односи, иако извршуваа високи функции во поранешната југословенска федерација. Велат дека Глигоров не испратил ни телеграма со сочувство по повод смртта на Мојсов во Белград. Освен тоа, постојат сведоштва дека некои негови поддржувачи од Скопје имале идеја да му биде издаден македонски пасош, но иницијативата паднала во вода во моментот кога Министерството за внатрешни работи побарало тој лично да се појави на шалтерот каде што се поднесуваат документите за патна исправа.
Во меѓувреме во Македонија се вртеа информации дека Лазар Мојсов бил во сватовски врски со Буш, но вистината е дека тие имале само близок пријателски однос. Според д-р Денко Малески, кога семејството Буш од Тексас дошло во Њујорк многу брзо се спријателило со семејството на Лазар Мојсов, по што двете семејства веднаш воспоставиле пријателски контакти, а Лилјана Мојсова, сопругата на Лазар Мојсов, ја упатила Барбара Буш во сите тајни на протоколот важни за сопругите на амбасадорите во ОН. Оттогаш, вели Малески, „траеше нивното пријателство, кое продолжи и додека Буш беше во Белата куќа“.
Грчката влада треба да го игнорира Мојсов!
Иако имал само триесетина години кога ја извршувал функцијата јавен обвинител на СР Македонија, Лазар Мојсов веќе бил интересна личност за британската тајна служба. Според строго доверлива телеграма на Амбасадата на Велика Британија во Белград, испратена во Форин офис во Лондон на 17 мај 1950 година, триесетгодишниот Лазар Мојсов бил „бесен македонски националист“, затоа што во еден свој говор спомнал македонско малцинство во Грција: „Изјавата на г. Кардељ е внимателно формулирана и со јасна намера да биде сосема умерена. За несреќа, делот од говорот на Мојсов, добро познат бесен македонски националист, е искажан единствено за да се нападнат грчката влада и печатот. Жалам што се сметало дека е неопходно да му се даде на Мојсов слободно изразување на неговите специфични македонски гледишта, но не се сомневам дека изјавата на Кардељ, и онаа на Мојсов, ја изразуваат политиката на југословенската влада. Повикувањето на Кардељ на македонското малцинство во Грција ќе биде лошо примено во Атина, а грубиот напад и неточности изнесени од Лазар Мојсов може да се очекува да предизвикаат голема штета. Мислам дека грчката влада може да го игнорира Мојсов, кој, очигледно, е само приватно лице“, ја известува, меѓу другото, својата влада во Лондон, сер Чарлс Пик, амбасадор на Велика Британија во Југославија акредитиран уште од 1946 година. Два дена подоцна со телеграма до Форин офис од амбасадата на Велика Британија во Атина се јавува и сер Клифорд Нортон, амбасадор на Велика Британија од Атина, исто така акредитиран во 1946 година. Тој, меѓу другото, инсистира на тоа дека не постои македонско малцинство во Грција, a „последните остатоци на оние што непријателската пропаганда ги нарекува Македонци беа инволвирани во комунистичкиот напад против Грција и со нивниот пораз ја напуштија земјата. Во грчка Македонија повеќе не постои ниту една личност за која југословенската влада посебно би се заинтересирала. И, ако Владата во Белград не го прифати ова, не би им користело во иднина да говорат за добри соседи на Грција, затоа што никој нема да им верува“.
Мојсов: Македонскиот народ не може мирно да го следи задушувањето на основните човекови права на македонското национално малцинство во Грција
Британскиот амбасадор во Белград Чарлс Пик, кој бил еден од клучните дипломати на Лондон и кој постојано притискал врз Тито и Кардељ да се откажат од Македонците во Егејска Македонија во интерес на подобри односи со Атина, првичните реакции на македонското раководство ќе го нарече „нов бран шовинизам од страна на македонските комунисти“. Во британските документи посебно е забележана реакцијата на Лазар Мојсов по една изјава на Едвард Кардељ. Имено, откако министерот за надворешни работи решавањето на прашањето за македонското малцинство ќе го определи како споредно, Мојсов ќе изјави дека македонскиот народ не може мирно да го следи зачудувачкиот начин на задушување на основните човекови права на македонското национално малцинство во Грција и политиката на денационализацијата и протерувањето на Македонците: „Односот на грчката влада спрема македонското малцинство ќе биде еден базичен критериум од кој ќе се оценува искреноста на изјавите на владата на Пластирас. Владата на Пластирас ќе ја покаже својата желба за нормализирање на односите со Југославија ако стави крај на бруталната и варварска политика што ја ’спроведуваа’ претходните власти кон македонското малцинство; ако ги ослободи од затворите и логорите, без резерва сите Македонци и десетината илјади депортирани Македонци од ’островите на смртта’ и ако ги признае основните малцински права на Македонците во Егејска Македонија, така што тие би можеле да го употребуваат својот сопствен јазик, да имаат училишта на свој јазик, што претставува минимална гаранција за националните малцинства во сите цивилизирани држави“, ќе изјави Мојсов. За жртвувањето на Македонците од страна на тогашниот југословенски државен врв во интерес на подобрувањето на односите со Грција, Лазар Колишевски, клучна македонска политичка фигура во тие години, вели: „Требаше уште тогаш, во 1948 година, категорично да го поставиме решавањето на македонското прашање, но, место тоа, тоа прашање пак го одложивме во недоглед, бидејќи во тоа време се поставуваше прашањето на одбраната на независноста и придобивките на земјата во целост. Благодарение на нашите внимателни ставови, за да не ги заматиме добрите и пријателски меѓусоседски односи со Грција, го толериравме она што инаку една достоинствена земја никогаш не би го толерирала.“
Пријателството на Лазар Мојсов и Курт Валдхајм
Во 1986 година, кога Курт Валдхајм се кандидирал за претседател на Австрија, пет години по завршувањето на неговиот ангажман како генерален секретар на ОН, во јавноста излегуваат информации дека за време на Втората светска војна Валдхајм бил офицер на СС-трупите на Хитлер. Според информациите што биле објавени во тоа време во српскиот печат, освен Тито, за нацистичкото минато на Валдхајм знаел и Лазар Мојсов, всушност токму тој му го донел досието на Тито во Белград, а Јосип Броз го чувал во својата архива како строго доверлив документ. Како и да е, неколку месеци по изборот на Валдхајм за претседател на Австрија, во 1987 година, српскиот весник „Вечерни новости“ објавува серија текстови посветени на „тајното досие на Курт Валдхајм“, а главниот уредник Илија Боровњак итно е повикан во кабинетот на Лазар Мојсов. Според сведоштвото на Боровњак, објавено во 2011 година, Лазар Мојсов, тогаш претседател на Претседателството на СФРЈ, веднаш го повикал во својот кабинет во Палатата на федерацијата, а бидејќи знаел дека Валдхајм своевремено силно лобирал Лазар Мојсов да биде избран за претседател на Генералното собрание на ОН, очекувал дека ќе биде критикуван за грешката што е направена со објавување на досието за Валдхајм. Во разговорот Мојсов меѓу другото му рекол дека тоа многу лошо ќе одекне во ОН, дека може да влијае врз односите со соседна Австрија, а дека негативните последици ќе паднат и на целата земја и на нејзиниот углед во светот. Заклучокот од разговорот, според уредникот, бил дека не смее да се објави повеќе ни ред на таа тема. Кога тој одбил да го направи тоа, Лазар Мојсов наводно го замолил да го послуша барем како бивш директор на „Борба“ ако не сака како претседател. Во меѓувреме веста за тајното минато на Валдхајм ја објавиле 326 светски весници. Пишувањето на таа тема продолжила и следните денови, така што „ургенцијата“ на Лазар Мојсов не дала резултат. Во тој контекст, Антон Колендиќ во своите сведоштва тврди дека Лазар Мојсов уште во 1968 година кога бил амбасадор во Виена станал голем пријател во Курт Валдхајм, тогаш министер за надворешни работи на Австрија: „Нешто подоцна двајцата стануваат постојани претставници на СФРЈ, односно Австрија, во ОН, а кога Валдхајм станува генерален секретар на ОН веднаш го именува Лазар Мојсов за претседател на триесет и второто годишно собрание! Подоцна, во 1986 година, Валдхајм се кандидира и станува претседател на Австрија, а во меѓувреме Тито го прима на Блед и, по препорака на Лазар Мојсов, го одликува со ’Орден со југословенско знаме‘“,
Професорот Денко Малески, првиот министер за надворешни работи на независна Република Македонија, смета дека Мојсов беше „извонреден талент во политиката“ и дека „ќе дојде време кога таа (комунистичката н.з) генерација ќе добие истакнато место во македонската историја, кога ќе мораме да се соочиме со целата вистина за улогата на Комунистичката партија, а не само за темните страни“.
Деведесетгодишниот Лазар Мојсов, политичарот што своевремено бил оквалификуван како бесен македонски националист, почина пред осум години и беше погребан во Алејата на заслужните граѓани на Новите гробишта во Белград. Како човек и политичар Македонија ја напушти во 1958 година и никогаш не се врати во неа. Ни жив, ни мртов!